Со порастот на сајбер нападите врз критичната инфраструктура како што се болниците, транспортот, владините агенции и приватните бизниси, владите се под притисок да се приспособат и да ги зајакнат своите сајбер политики. За ова разговаравме со Неса Марку од Скопје која е на магистерски студии за меѓународни односи во областа на сајбер политика и меѓународен развој на Буш школата за влада и јавна служба при Тексас земјоделскиот и механички Универзитет. Таа вели дека Соединетите Држави се лидер во делот на сајбер политиките:
„Покрај тоа што ги има сите агенции кои работат на терен како што се Сајберком, Федералното биро за истраги, Централната разузнавачка агенција, Агенцијата за национална безбедност и Одделот за одбрана, тие исто (така) имаат нешто што се нарекува Закон за информации за сајбер безбедност, што е навистина важно бидејќи им овозможува на агенциите да споделуваат информации меѓу себе“, вели Неса Марку, студентка на Буш школата за влада и јавна служба.
Марку рече дека истражувала за регулативите што Северна Македонија ги има во доменот на сајбер политиките и вели дека државата има само Национална рамка за сајбер безбедност.
„Имаат напишано многу чекори кои треба да се направат, но не беа преземени никакви активности, така што мислам дека имаме долг пат да одиме. Ни требаат експерти кои имаат познавање во областа за да можат да се изградат доволно силни рамки“, додава Марку.
Таа вели дека сајбер нападите може да играат клучна улога во изборните процеси. Како пример го наведе креирањето лажни вести за време на претседателските избори во САД во 2016 година, за што биле ангажирани млади луѓе од градот Велес.
„Не знаеме кој ангажирал група Македонци од Велес да пишуваат лажни вести и да ги шират низ Фејсбук, со цел да се промени мислењето на гласачите, во овој случај, против Хилари Клинтон. Беше заклучено дека работат во полза на Трамп. Тоа е навистина важно, затоа што може да влијае на исходот на претседателските избори“, рече Неса Марку, студентка на Буш школата за влада и јавна служба.
Сајбер нападите се сметаат и за значајна закана за глобалната стабилност. Од тие причини, професионалците од профилот на Неса Марку ќе имаат клучна улога во секое општество.