Северна Македонија покажа заложба кон Трансатлантската заедница и кон нашите заеднички вредности и безбедност, изјави портпаролката на Стејт департмент Морган Ортагус, посакувајќи ѝ добредојде на државата во НАТО Алијансата.
Таа им честита на граѓаните за овој значен момент.
„Северна Македонија испрати речиси 4.000 војници во операциите на НАТО од 2002 година. Овие трупи се борат заедно со Американците во Ирак и Авганистан, и придонесоа во коалицијата што го порази калифатот на ИСИС“, рече таа во видео порака, додавајќи:
„Како што државниот секретар Помпео рече при посетата на државата минатата есен, иднината им припаѓа на суверените и независни држави, кои ги штитат нивните граѓани, ги почитуваат нивните соседи и ги ценат разликите кои се специфични за секоја држава. САД ќе останат да бидат партнер на Северна Македонија, за безбедноста и просперитетот на нејзините граѓани, регионот и на светот“.