„Сакаме воздух“, „Што ви дишат децата?“: Протест во Скопје против аерозагадувањето

Your browser doesn’t support HTML5

Сакаме воздух“, „Што ви дишат децата?“, „Нема воздух, нема мир“ беа дел од паролите што ги извикуваа бројни граѓани и активисти на протестот во Скопје против енормното аерозагадување. Автор: Тоше Огњанов

Пет илјади луѓе ни умираат годишно од аерозагадување. Едно од девет деца што умира во државава е поради аерозагадување. Не сме во воена состојба да губиме толку луѓе од проблем што е решлив.

Тоа во изјава за Гласот на Америка го истакна Горјан Јовановски, еко-активистот од иницијативата „Зелен хуман град“ за време на денешниот протест во Скопје против аерозагадувањето. Протестот почна пред Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието и заврши пред Владата.

„Сите барања се и ќе се испраќаат до сите овие институции. Не е прва година да организираме протест и да испраќаме барања. За жал, завршува на ‘Јас не сум одговорен’, ‘Јас не сум надлежен’, ‘Ова е во процес на имплементација, но не е завршено’, а луѓето умираат“, негодува Јовановски.

Јовановски вели дека протестот не е насочен против институциите, туку против непреземањето мерки за справување со проблемот што го засега секого од македонските граѓани.

„Ние секогаш сме расположени за дијалог. Ние не сме против нив. Сите го дишеме истиот воздух и треба заедно да го завршиме ова. Но, доколку на некого не му текнува, тогаш ние сме тука како граѓани да ги потсетиме дека треба да почнат да работат“, истакна Јовановски во кусиот разговор за Гласот на Америка.

На протестот во Скопје се собраа поголем број граѓани кои извикуваа пароли како „Сакаме воздух“, „Што ви дишат децата“, „Нема воздух, нема мир“.

Дел од учениците рекоа дека, властите мора да преземат одговорност за проблемот, но и самите македонски граѓани да се вклучат активно во спречувањето на аерозагадувањето.

“Не смееме да ја префрламе одговорноста и да тврдиме дека немаме одговорност“, вели во изјава за Гласот на Америка, синдикалецот и активист, Здравко Савески.

Тој додава дека секој има колективна и индивидуална должност кон заштитата на здравата животна средина.

„Колективно е да се врши притисок врз институциите да воведат стандарди врз индустријата да го намали загадувањето. Но, исто така, не смееме да заборавиме дека и граѓаните самите го вршат загадувањето преку користење моторни возила, на пример. Треба да дадеме свој придонес и со нашите практики во секојдневното живеење“, додаде Савески.

Гас-маски на протестот

Дел од учесниците дојдоа и со гас-маски на протестот.

„Маскава е симболика, дефинитивно. Но, има денови кога и навистина треба да се носат маски. Можеби не вакви, но секако маски за заштита од штетните честички во загадувањето“, посочи Аммар Качар, учесник во протестот.

Во пораките, пак, што беа упатени од пред македонското собрание, како и од пред владата беше укажано дека со години не се преземаат сериозни чекори за системско решение за проблемот.

Буџетот е „волшебното“ стапче

„Имаме работа со комплетно неразумни политичари. Многу често сакаат да кажат дека загадувањето не се решава преку ноќ. Првата мерна станица ‘Скопје дише’ на Улица ‘Македонија’ беше поставена пред 14 години. Од тогаш поминаа повеќе од 5.100 ноќи. Па, колку ноќи им требаат на овие луѓе“, праша Јане Димески, еко-активист.

Тој, упати критики дека во буџетот не се предвидени средства за решавање на аерозагадувањето.

„Има ‘волшебно’ стапче за решавање на проблемот. Тоа се вика ‘Буџет на Република Македонија’. Над шест милијарди евра ќе вреди буџетот за идната година, а во него пари за справување со загадувањето, нема. Секоја година, сè повеќе милијарди трошат, а за воздухот повторно нула“, рече Димески.