Двојна прослава

  • Синиша Станковиќ
Во Македонија денес се празнуваше и љубовта, и виното
Православните верници во Македонија на 14-ти февруари го прославуваат Свети Трифун, заштитникот на лозјата, според традицијата закројувајќи ги садниците. Белег на денот даваат и разните придружни манифестации: концерти, натпревари за најквалитетни вино и ракија и дегустации на пијалоците.

Во Тиквешијата, каде околу околу 7.000 семејства живеат од производство на грозје, празникот на лозарите мина во желбата „виното да биде благо, родот богат, а годината бериќетна!“. Во Кавадарци, градот на грозјето и виното, со поддршка и на Општината, имаше изложби за лозарството и винарството.

Во една од најпознатите македонски винарници, кавадаречкиот Тиквеш, посетителите ги очекуваа пригодни изненадувања. Според изјавата на претставници на винарницата, пренесена во медиумите, „виното е тесно врзано со традицијата и духот на овој народ, а овој празник е токму израз на една долга и богата традиција. Закројувањето на лозите го означува почетокот на новата винска година, односно е почеток на сите наши залагања и инвестиции за нов добар род, кој ќе биде преточен во врвно вино“.

И останатите винарници низ земјата, организираа пролсави за домашните и странски туристи, кои имаа можност да наздрават со македонско вино и да им посакаат на домаќините родна година.

Според медиумските извештаи, винарницата Стоби, која традиционално ги закројува лозовите насади во Градско, годинава го закрои и лозјето во кругот на самата винарница. Винарницата Сковин ги закроила лозјата на плантажата во Добри Дол, а потоа одржала прослава во ресторанот на самата визба.

Во Демир Капија, одбележувањето на денот на заштитникот на лозарите е во рамки на Неделата на традицијата, кога се одржуваат натпревари во закројување и за најдобри домашно произведени вино и ракија, како и за приготвување традиционални јадења.

Во општина Гевгелија, чествувањето на Свети Трифун се одржа во Прдејци, каде имало и свечена литургија во црквата Света Петка, по што симболично биле закроени лозјата на сите лозови плантажи.

Во скопската општина Илинден, празникот бил одбележан во селото Ајватовци, каде била одржана и божествена литургија. Во престолнината Скопје, пак, македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, со поддршка на весникот „Нова Македонија“, организираше манифестација со симболично закројување винова лоза во дворот на едно семејство во Дебар Маало, но и со одржување на музичка, поетска и хумористична работилница и испраќање симболична порака по Вардар.

И претседателот на Македонија Ѓорге Иванов закрои винова лоза на насадите на винаријата Далвина во селото Хамзали, општина Босилово, придружуван од неколку амбасадори во Скопје, а министерот за земјоделие Љупчо Димовски, присуствуваше на закројување во селото Курија, Неготинско. Министерот најави многу квалитетна реколта грозје и подобар пласман на македонското вино годинава, а потенцираше и дека целата извозна квота од Македонија за ЕУ е исполнета уште на 4-ти февруари. Тој се сретна и со незадоволните лозари, на кои им порача дека ќе ги добијат неисплатените пари за ланскиот род, како и дека уште утре ќе се одржи средба на оштетените лозари од визбата Винеа, со нејзините претставници, и со претставници од Инспекторатот за земјоделство.

Покрај чествувањето на виното, иако со понов датум, во Македонија веќе традиционално, на 14-ти февруари се одбележува и Денот на вљубените, но прославувањето има далеку поинтимен карактер, за разлика од Запад, каде е медиумски поекспонирано и низ поизразена комерцијализирана форма. Според медиумските најави, денес во Скопје, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, по повод Св. Валентин, требаше да се сретне со осамените граѓани од општината.