САД изразија загриженост дека Русија се приближува до договор за купување оружје од Северна Кореја за да помогне во зајакнувањето на нејзината војна против Украина.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека САД веруваат оти преговорите за оружје меѓу Русија и Северна Кореја активно напредуваат.
Тој рече дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу неодамна отпатувал во Северна Кореја за да се обиде да го убеди Пјонгјанг да ѝ продаде артилериска муниција на Русија.
Дополнително, Кирби рече дека рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун размениле писма во кои ветуваат дека ќе ја зголемат нивната билатерална соработка и дека САД имаат разузнавачки информации кои укажуваат дека друга група руски претставници отпатувала во Пјонгјанг по посетата на министерот за одбрана.
Засега нема коментар за ова прашање од Пјонгјанг или Москва.
Покрај тоа што Русија купува севернокорејско оружје, Кирби рече дека договорите може да вклучуваат и суровини што ќе ѝ помогнат на руската одбранбена индустриска база.
Портпаролот на американската национална безбедност рече дека какви било договори за оружје меѓу Русија и Северна Кореја ќе ги прекршат резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Кирби рече дека САД ја повикуваат Северна Кореја „да ги прекине преговорите за оружје со Русија и да се придржува до јавните обврски што ги презеде Пјонгјанг да не обезбедува или продава оружје на Русија“.
Дел од информациите се од Ројтерс и Асошиетед прес