САД ставија вето на резолуцијата на ОН за прекин на огнот во Газа

Барањето итен, безусловен прекин на огнот без договор со кој се бара Хамас да ги ослободи заложниците нема да донесе траен мир, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд

Израелската војска денес извести за интензивни борби во областа Кан Јунис во појасот Газа, додека САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен хуманитарен прекин на огнот, да се зголеми пристапот до помошта и што го отфрла принудното раселување на Палестинците.

„Барањето итен, безусловен прекин на огнот без договор со кој се бара Хамас да ги ослободи заложниците нема да донесе траен мир“, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд за резолуцијата подготвена од Алжир.

Со недели, САД, Египет, Катар и Израел се вклучени во деликатни преговори насочени кон ослободување на сите заложници и продолжена пауза во борбите.

„Наместо тоа, може да ги продолжи борбите меѓу Хамас и Израел, да го продолжи времето на заложниците во заробеништво, искуство што поранешните заложници го опишаа како „пекол“ и да ја продолжи страшната хуманитарна криза со која се соочуваат Палестинците во Газа“, рече Томас-Гринфилд. додавајќи „никој од нас не го сака тоа“.

Алжир првпат го претстави својот текст на 15-члениот Совет за безбедност пред три недели и го одложи гласањето за да им даде време на тие преговори.

Но, Алижир рече дека молкот повеќе не е опција и дека е време Советот да дејствува

Алжирската резолуција имаше силна поддршка на Советот - 13 членови гласаа за него, Велика Британија беше воздржана, а САД го ставија своето вето.

Тоа е трет пат Вашингтон да го користи своето вето во Советот за да ја блокира мерката за прекин на огнот.

„Повикот за прекин на огнот требаше да биде договорен одамна“, рече палестинскиот претставник Ријад Мансур.

Претставникот на Израел ја нарече идејата за прекин на огнот „апсурдна“, а не магично решение.