САД се разочарани оти Нетанјаху ја откажа посетата на израелскиот тим на Вашингтон, кажа Кирби

Кирби рече дека високи американски функционери сепак ќе се сретнат на одделни разговори со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој моментално е во Вашингтон, за прашањата како заложници, хуманитарна помош и заштита на цивилите во градот Рафа во јужна Газа

Белата куќа денес соопшти дека е многу разочарана што премиерот Бенјамин Нетанјаху ја откажа планираната посета на израелската делегација на високо ниво на Вашингтон, откако САД се воздржаа од гласањето во Обединетите нации, со кое се бара итен прекин на огнот во Газа.

„Тоа е разочарувачки. Многу сме разочарани што тие нема да дојдат во Вашингтон за да ни дозволат да водиме целосен разговор со нив за остварливи алтернативи за нивното влегување на теренот во Рафа“, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Кирби рече дека високи американски функционери сепак ќе се сретнат на одделни разговори со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој моментално е во Вашингтон, за прашањата како заложници, хуманитарна помош и заштита на цивилите во градот Рафа во јужна Газа.

Кирби истакна дека политиката на САД не е променета и покрај одлуката да се воздржи од гласањето во Советот за безбедност на ОН.

Тој рече дека американските власти би можеле да продолжат да ја истакнуваат загриженоста на Вашингтон за израелската политика во Газа како дел од тековните дискусии меѓу двете влади.

„Ништо не се промени во нашиот став дека голема копнена офанзива во Рафа би била голема грешка“, рече Кирби.

Нетанјаху ја откажа планираната посета на делегација на високо ниво на Вашингтон и ги обвини САД дека се „повлекуваат“ од „принципиелната позиција“ со тоа што дозволиле гласањето да помине без условување на прекинот на огнот со ослободување на заложниците што ги држи Хамас.

Резолуцијата беше усвоена со 14-0 откако САД одлучија да не го користат правото на вето на резолуцијата, која, исто така, бараше ослободување на сите заложници заробени за време на нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел.