САД и Мексико денес ќе разговараат за зголемениот број мигранти

  • VOA

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, рече дека Бајден и Лопез Обрадор разговарале во телефонски разговор кои чекори би можеле да се преземат во Мексико за да се забави зголемувањето на мигрантите кои се упатуваат кон границата со САД

Американските и мексиканските официјални лица треба да се сретнат денес во Мексико Сити за да разговараат за она што Белата куќа го опиша како драматично зголемување на протокот на мигранти низ регионот во последните месеци.

Државниот секретар Ентони Блинкен, секретарот за домашна безбедност Алехандро Мајоркас и советничката за домашна безбедност во Белата куќа Лиз Шервуд-Рандал, ја претставуваат американската страна, а мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор е домаќин на разговорите во кои е вклучен и кабинетот за безбедност на Мексико.

Говорејќи пред новинарите во петокот, Лопез Обрадор рече дека Мексико и САД ќе продолжат да работат заедно, нагласувајќи ја потребата миграцијата да продолжи на уреден начин и да се решат основните причини за она што ги тера луѓето да ги напуштат своите домови.

Тој рече дека феноменот на миграција не е по избор, туку потреба.

Министерството за надворешни работи на Мексико во соопштението рече дека состанокот денес претставува можност да се потврди соработката за миграциските прашања, вклучително и проширувањето на правните патишта за мигрантите.

Мексико во мај се согласи да прими мигранти од земји како што се Венецуела, Никарагва и Куба, кои беа одбиени од границата со САД, затоа што не ги почитуваа правилата што обезбедуваат патишта до азил или други форми на миграција.

Царината и граничната заштита на САД објави 242.418 мигранти во ноември, слично на октомври и истиот период минатата година, но околу 70.000 повеќе отколку во ноември 2022 година.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, рече дека американскиот претседател Џо Бајден и Лопез Обрадор разговарале во телефонски разговор кои чекори би можеле да се преземат во Мексико за да се забави зголемувањето на мигрантите кои се упатуваат кон границата со САД.

Кирби ги наведе контролните пунктови на железницата и автопатот, како и присуството на мексиканската војска во јужниот дел на земјата, и рече дека состанокот денес ќе вклучи подетални акции.

„Начин да се постигне ова е да се работи со соседните нации за да се обидат да се најдат овие основни причини“, им рече Кирби на новинарите на брифингот во Белата куќа.

Тој додаде дека САД, во исто време, можат да работат на сопствените имиграциски политики и безбедноста на границите.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес и Ројтерс