САД и Германија со 40 милиони долари ќе ја помагаат безбедноста во пет западно африкански држави

Your browser doesn’t support HTML5

САД и Германија започнаа заедничка иницијатива од 40 милиони долари за стабилност на пет западноафрикански држави, фокусирајќи се на спречување на тероризмот и екстремизмот. Програмата е ориентирана кон заедницата - да се справи со основните причини за нестабилност. Известува Сенану Торд од Гана.

Во Јенди во северна Гана, американски и германски делегати им предадоа полициска опрема на локалните лидери за да го одбележат започнувањето на новата иницијатива за заштита на заедниците од растечката закана од тероризам и екстремизам што се прелеваат од Сахел.

Механизмот за стабилност на крајбрежните држави се фокусира на справување со основните причини за регионалната нестабилност преку решенија предводени од заедницата, подобрено владеење и економски развој - што е оддалечување од традиционалниот воен пристап за решавање на конфликти.

Пред нејзиното лансирање, програмата ги поддржуваше ранливите заедници преку подобрување на здравствените установи, обезбедување сончева енергија и промоција на програмите за лидерство во заедницата.

„За обезбедувањето обично се мисли како на обезбедување зграда. Но, безбедноста е повеќе од тоа. Се работи за целата заедница; се работи за градење отпорни општества. И да, се разбира, се работи за способноста на полицијата да ја врши својата работа и да ја врши на начин на кој ќе има доверба од заедницата“, вели Ен Витковски од Стејт департментот на САД.

Експертите велат дека насилните екстремисти често ги искористуваат развојните празнини за да ги радикализираат заедниците.

Меѓуагенцискиот координатор за национална безбедност на Гана, Баба Сајути, објаснува дека партнерството го зајакнува капацитетот на нацијата да ги пополни овие празнини и да го спречи тероризмот.

„Ние како партнери во иницијативата, работиме да ги обезбедиме потребите кои државата не може да ги обезбеди. Затоа велам дека го помагаме првиот столб, а тоа е превенцијата“, вели Баба Сајути, Национален координатор за безбедност на Гана.

И покрај овие напори, североисточниот регионален министер на Гана, Јидана Закарија, предупредува на видливи знаци на терористичка активност. Закарија им објасни на делегатите дека близината на северна Гана до Сахел им олеснува на сомнителните поединци да влезат во земјата под маската на верски свештеници или бегалци кои бараат помош.

„Тие доаѓаат и си одат. Некогаш не знаеш ни каде престојуваат и тоа загрижува. Тие не мора да се питачи. Може да собираат разузнавачки информации. Прашањето е како воопшто влегуваат во државата? Немаат никакви документи за да покажат дека дошле преку одобрени влезни точки. Тоа отвара простор за грижа“, посочува Јидана Закарија, Министер за Североисточниот регион на Гана.

Во Акра, американските и германските амбасадори ги уверија локалните лидери во нивната посветеност да ги користат постоечките развојни програми, како што се германскиот ГИЗ и Американската агенција за меѓународен развој, за да помогнат во градењето отпорност на заедницата против овие закани.

Тие, исто така, посочија дека повеќе партнери наскоро ќе се приклучат на иницијативата.

„Можете да очекувате повеќе партнери да се приклучат на програмата. Тоа секако е нашата цел. Ние сме подобри кога сме заедно. Секој од нас носи одреден сет на искуства, видови ресурси на масата“, додава Витковски.

Во следните три години, оваа иницијатива ќе дејствува во пет крајбрежни западноафрикански држави - Бенин, Брегот на Слоновата Коска, Гана, Гвинеја и Того - во обид да помогне во одбраната на овие земји од бунтовите во Сахел.