САД го зацврстува военото сојузништво со југоисточните земји во Азија 

Your browser doesn’t support HTML5

САД ја продлабочија соработката со сојузниците во Индо-Пацификот во последните години, вклучувајќи ги Јапонија и Јужна Кореја. Но, соработката влијаеше и на земјите што не се сојузници, вклучително и неврзаните земји од Југоисточна Азија, како Индонезија. Известува Вирџинија Ганвен.

Американските војници во индонезиската провинција Источна Јава ги учат индонезиските војници за американскиот фудбал. И за попозната пријателска игра одбојка. Тоа е добредојдена пауза за 2.500 американски војници, кои учествуваат на заеднички воени вежби во Индонезија.

Воените вежби „Супер Гаруда Шилд“ се начин на продлабочување на врските во регионот. Исто така, постојат медицински клиники за жителите во близина на местото каде што се одржува вежбата.

Кели Грико е американска одбранбена и воена аналитичарка во центарот Стимсон со седиште во Вашингтон.

„Овие вежби се првенствено форма на одбранбена дипломатија и тие треба да испратат политички сигнали кои често се поважни од воената вредност на истите“, вели Грико.

Самите вежби вклучуваат околу 5.500 војници од повеќе од десетина земји, кои траеја две недели, од крајот на август до почетокот на септември.

Меѓу учесниците има војници од Канада, Франција и Велика Британија, како и други земји во Индо-Пацификот, вклучувајќи ги Австралија, Индија, Јапонија и Сингапур.

Една од главните земји во регионот што не учествува е Кина, која има огромни територијални претензии над Јужното Кинеско Море.

Индонезиските воени претставници отфрлаат каква било идеја дека воената вежба покажува оти Индонезија зазема страна меѓу Пекинг и Вашингтон.

„Ние не сме сојузници (на САД). Гледаме само кои се најдобрите практики и што можеме да усвоиме за себе“, вели Вицеадмирал Маман Фирмансија, индонезиски воен командант.

Дел од овие најдобри практики се во заедничката команда и контрола, прикажани во вежбите за слетување, во кои се вклучени војници од земјите учеснички.

Рахман Јакуб е експерт за одбрана од Југоисточна Азија во институт со седиште во Сиднеј.

„Воениот брод на индонезиската морнарица може директно да комуницира со американските воени бродови. Видот на вежбата е софистициран, врвен, но со Кинезите е малку поинаку. Тоа се во основа едноставни вежби. Еден службеник од Југоисточна Азија сподели со мене вежби што ги одржува Индонезија со Кинезите. Тие се толку едноставни што може да се направат со рибарски брод“, вели Јакуб.

Институтот Лоуи вели дека САД спровеле 525 заеднички вежби со земјите од Југоисточна Азија, како Индонезија, од 2021 до 2023 година, што ги прави убедливо најголем партнер за обука за одбрана во регионот, во споредба со другите земји како, Австралија и Кина.