САД го ставија на црна листа Орце Камчев за корупција и поткуп на владин функционер

САД ја повикаа Северна Македонија да продолжи да го зајакнува владеењето на правото и нејзините демократски институции и да ја сузбие корупцијата.

САД го означија Јордан „Орце“ Камчев за вмешаност во корупција, вклучително и за поткуп на владин функционер, соопшти портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

„Корумпираните дејствија на Камчев ја нарушија довербата на јавноста и го поткопаа интегритетот на правосудниот сектор и владеењето на правото во Северна Македонија, а истовремено ја унапредуваат неговата лична корист“, соопшти тој.

Во изјавата се вели дека „САД ќе продолжат да промовираат одговорност за поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција“.

САД ја повикаа Северна Македонија да продолжи да го зајакнува владеењето на правото и нејзините демократски институции и да ја сузбие корупцијата.

„Овие напори се клучни за целосна интеграција на Северна Македонија во европските институции“, се вели во изјавата.

САД наведуваат дека Камчев се занимава со корупција, злупотреба на службената положба, перење пари и други кривични дела повеќе од една деценија.

Во извештај Одделот за финансии на САД наведува дека Камчев беше осуден во судскиот случај „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари - „случај поврзан со недозволена набавка на земјиште“. Се наведува и признанието на вина на Камчев во случајот „Империја“ во кој беше осомничин за злосторничко здружување, измама, перење пари и дреуги кривични дела поврзани со неговите бизниси.

„Дополнително, Камчев го искористи своето корумпирано влијание и вогатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година, главната обивнителка на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други лица, тврдејќи дека тие го изнудувале. Граѓанскиот суд Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се наведува во извештајот на Одделот за финансии на САД.

По овој скандал, САД наведува дека пропадна СЈО, и забележуваат дека многу случаи на корупција на високо ниво на кои работше СЈО стагнирале и за нив немало одлуки, „одложувајќи ја одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слиучна на Камчев“, наведува Одделот за финансии.

Амбасадорката на САД во Скопје Анџела Агелер рече дека САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија.

„Корупцијата има последици“, рече таа.

САД неодамна го ставија на црна листа градоначалникот на Струга Рамис Мерко за вклученост во значајна корупција, а лани ги означија и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.