САД денес го повикаа Израел да покаже воздржаност и да избегне ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, додека израелската влада размислува како да одговори по нападот на Иран викендов со повеќе од 300 проектили и беспилотни летала.
„Не сакаме ескалација, но ќе продолжиме да ја поддржуваме одбраната на Израел и да го штитиме нашиот персонал во регионот“, рече државниот секретар Ентони Блинкен на почетокот на состанокот со ирачкиот вицепремиер Мохамед Али Тамим.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес го свика својот воен кабинет по вторпат за помалку од 24 часа, изјави владин извор.
Растат стравувањата дека нападот на Иран може да доведе до отворена војна меѓу Израел и Иран и да се прелее на поширокиот регион на Блискиот Исток.
Претседателот Џо Бајден му порача на Нетанјаху дека САД нема да учествуваат во каква било израелска контраофанзива против Иран.
Од почетокот на војната на 7 октомври меѓу Израел и Хамас, се проширија судири меѓу Израел и Иран во Либан, Сирија, Јемен и Ирак.
Израел соопшти дека четворица негови војници биле ранети стотици метри во либанска територија во текот на ноќта, додека Израел разменувал оган со либанската вооружена група Хезболах.
„Ние сме на работ на карпата и мораме да се оддалечиме од неа“, изјави Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, за шпанска радиостаница.
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека неговата влада ќе стори се` за да избегне ескалација на ситуацијата меѓу Израел и Иран.
Зборувајќи за француски медиуми, Макрон, исто така, го повика Израел да продолжи да ја изолира Иран наместо ескалација.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денес имаше слична порака, со која го предупреди Иран од понатамошни напади врз Израел, а истовремено го повика Израел да ја одигра својата улога во деескалирањето на ситуацијата.
Русија се воздржува од критикување на својот сојузник Иран во јавноста поради нападите, но изрази загриженост за ризикот од ескалација на непријателствата, повикувајќи на воздржаност.
„Понатамошната ескалација не е во ничии интереси“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Израелските власти најавија дека образовните активности ќе продолжат во понеделникот и дека ограничувањата за големите собири ќе бидат укинати на повеќето места.
Во Иран, државните медиуми соопштија дека операциите на аеродромите во земјата се вратиле во нормала откако беа прекинати поради воздушниот напад врз Израел.
Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс