САД ги ставија на црна листа Катица Јанева и Стевчо Јакимовски

САД ги ставија на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски поради „постапки со кои го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади“.

Покрај Јанева и Јакимовски, Стејт департментот ги санкционираше и нивните потесни членови на семејството - двата полнолетни синови на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, и сопругот и возрасниот син на Јанева, Венци Јанев и Лазар Јанев. Со овие санкции Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД.

„Во нејзиното службено својство на поранешната специјална јавна обвинителка на Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист“, се наведува во соопштението од Стејт департментот.

Од таму наведуваат дека постојат веродостојни информации кои Јанева ги побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност.

За актуелниот градоначалник на општина Карпош и кандидат за претседател на Северна Македонија, Стевчо Јакимовски, во соопштението од Стејт департментот се вели: „Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вмешан во коруптивни дела, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“.

Целта на санкциите е да ја потврдат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан.

„Одделот ќе продолжи да ги користи сите достапни овластувања за промовирање на одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

На црната листа Стејт департментот го стави и поранешниот градоначалник на Качаник од Косово, Џабир Жарку поради вклулченост во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата позиција за мешање во процесите на набавки за незаконски да дозволи изградба на имот во сопственост на општината, за да има корист за себе и за неговите соработници.