Дипломати од САД и Русија денес во Женева разговараа за распоредувањето на руски трупи долж границата со Украина и за руските барања за безбедносни гаранции од Западот.
Портпаролот на Стејт департмент рече дека состанокот, првиот од неколкуте оваа недела, започнал нешто пред 9 часот по локално време и завршил доцна попладне. Нема достапни детали за исходот од разговорите, иако и американските и руските официјални лица однапред изразија мал оптимизам за изгледите за итно решавање на споровите меѓу двете велесили.
Стејт департментот истакна дека американската страна работи во консултации не само со Украина, туку и со НАТО и другите сојузници низ Европа, при подготовката за разговорите.
По разговорите во Женева, Русија во среда треба да одржи преговори со НАТО во Брисел, и во Организацијата за безбедност и соработка во Европа в четврток во Виена.
Вчера за телевизијата Еј-би-си, државниот секретар Ентони Блинкен повтори дека САД ќе воведат строги економски санкции против Москва во случај да ја нападне Украина, осум години по нејзината анексија на украинскиот полуостров Крим.
„Нашата силна желба е дипломатско решение, но тоа зависи од Русија“, изјави Блинкен.
Дел од информациите се преземени од Ројтерс