Русија ги негира наводите за предизборни контакти со соработници на Трамп

Новински извештаи наведуваат дека неколку лица поврзани со претседателот на САД имале контакти со руското разузнавање

Русија ги отфрли наводите на „Њујорк тајмс“ дека членови од кампањата на претседателот Доналд Трамп и други негови соработници, биле во контакт со висок руски разузнавачки претставник пред ноемвриските избори во САД.

Според весникот, Пол Манафорт наводите ги нарекол „апсурдни.“

Тој исто така го отфрли сличниот извештај на „Си-Ен-Ен“ во кој се вели дека соработници на Трамп, меѓу кои Манафорт и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, имале регуларна комуникација со руски државјани пред изборите.

Во Москва, портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитри Песков изјави дека извештајот „не е заснован на никакви факти.“ Истовремено медиумите ја цитираа руската служба за странско разузнавање, која вели дека наводите за контактите биле неосновани.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, на брифинг за новинарите кажа дека руските дипломати дејствувале во рамки на нормалната дипломатска пракса која се спроведува во сите останати земји.

Флин поднесе оставка на функцијата во понеделникот, откако информациите за неговите контакти со рускиот амбасадор Сергеј Кислјак пред инаугурацијата на Трамп беа обелоденети во јавноста.

Од Белата куќа велат дека Трамп пред околу три недели бил известен дека Флин го довел во заблуда потпретседателот Мајк Пенс за содржината на разговорите.

Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер, кажа дека претседателот и неговите блиски соработници пред оставката на Флин ги „разгледувале и оценувале“ информациите „за неколку недели, на дневна основа“.

Пред инаугурацијата на Трамп на 20-ти јануари, Пенс за програмата "Face the Nation" на „Си-Би- Ес“ кажа дека Флин и Кислјак не разговарале за американските санкции против Русија воведени за улогата на земјата во украинската криза.

Доведување до заблуда на потпретседателот

Флин во писмото за оставката призна дека „необмислено го брифирал“ Пенс и останатите со „нецелосна информација“ во врска со неговиот телефонски разговор со Кислјак, на неколку недели пред Трамп да ја презеде функцијата.

Иако драмата во Белата куќа излезе на виделина, Трамп се обиде да го намали значењето. Тој на неговиот Твитер профил напиша: „Вистинското прашање е зошто има толку многу нелегални протекувања од Вашингтон? Дали овие протекувања ќе се случат кога јас се справувам со Северна Кореја или слично?“

Демократските законодавци повикаа на проширување на истрагата за поврзаноста на Флин и на други клучни соработници на Трамп со Русија, која ќе биде надополнување на заклучокот кој го донесе американското разузнавање минатата година за мешањето на Русија во изборите во САД.

Предупредување од Одделот за правда

Според „Вашингтон пост“, Одделот за правда на САД минатиот месец ја предупредил Белата куќа дека Флин погрешно го претставил неговиот разговор со рускиот амбасадор и дека тој можеби е ранлив на уцена од страна на Москва, како резултат на контрадикторностите меѓу јавниот приказ на разговорите и за тоа што знаеле разузнавачките власти, засновано на редовното следење на комуникациите на странските претставници во САД.

Според американски новински извештаи, Флин и Кислјак разговарале за санкциите кои поранешниот претседател Барак Обама ги воведе кон Русија минатата година.