Вредноста на руската рубља падна на ново ниско ниво, и покрај тоа што Централната банка воведе најголеми каматни стапки во изминативе 16 години, во итен обид да ја подобри вредноста на валутата.
Во еден момент, денес на берзата во Москва за еден долар можеа да се купат 80, а за едно евро - 100 рубљи. Подоцна ситуацијата се подобри, но останува фактот дека годинава рубљата загуби речиси 60 проценти од вредноста во однос на клучните западни валути.
Поради кризата, премиерот Дмитри Медведев се сретна со клучните финансиски претставници во земјата.
Централната банка во Москва драстично ги зголеми каматните стапки од 10,5 на 17%, во надеж дека ќе поттикне продажба на рубљата, но и тоа не помогна. Дел од економските аналитичари сметаат дека Русија наскоро би можела да воведе контрола на префрлањето на инвестиции надвор од земјата.
Кремљ се обиде да ги убеди Русите дека девалвацијата е привремена и дека рубљата на крајот ќе ја врати вредноста. Но, кризата навидум нема да заврши наскоро. Централната банка денес соопшти дека инфлацијата може да достигне 11,5% во првите три месеци од 2015-та, пред евентуално да почне да паѓа. Истовремено, банката соопшти дека руската економија наредната најверојатно ќе забележи пад.
Вредноста на рубљата се намали со падот на цената на нафтата, големиот двигател на руската економија, но и со влијанието на економските санкции врз Русија од страна на САД и Европа, поради интервенцијата на претседателот Владимир Путин во Украина.