Долниот дом на рускиот Парламент - Дума, вчера со мнозинство гласови го изгласа законот, со кој Владата ќе може да прогласува за странски агенти новинари, блогери и корисници на социјалните медиуми.
Законот, кој за да стапи во сила, ќе треба да биде одобрен од Советот на Руската Федерација и потпишан од рускиот претседател Владимир Путин, всушност е продолжување на постоечките мерки за странски агент, кои се однесуваат на одредени странски медиуми и руски невладини организации.
Групите за човекови права реагираа оти законското решение е премногу рестриктивно, додека поддржувачите на Кремљ сметаат дека е неопходно за да се заштити рускиот суверенитет.
Новата законска верзија предвидува ограничувања за новинари и поединци кои работат за медиумски организации, кои веќе се прогласени за странски агенти од страна на руското Министерство за правда.
Согласно новата легислатива, оние што работат за вакви медиуми ќе треба да ги назначат објавените материјали како извештаи направени од страна на странски агент, како и лично да ги испратат до регуларните ревизори и инспекции за нивната работа и финансии.
Вработените и дописниците на Глас на Америка, Радио Слободна Европа и на неколку други партнерски проекти, ќе бидат први на таргет со новиот закон.
Медиумите финансирани од Владата на САД засега се единствени кои се наоѓаат на листата на странски агенти, која руското Министерство за правда ја формираше во 2017 година.
Сепак, квалификацијата странски агент може да се однесува и на поединци кои шират сомнителна содржина, што ќе има значителни последици врз руските социјални медиуми, кои се сметаат за отворени платформи за политичка дебата.
Засега не е јасно како руските власти ќе ја спроведат мерката кон поединци.