Русија и Белорусија денес започнаа со воени вежби кои предизвикаа загриженост кај членките на НАТО, заради нивната големина и природа.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека во вежбите се вклучени околу 12.700 лица, 70 авиони, 250 тенкови и 10 борбени бродови, а активностите се одвиваат на шест локации во Русија и Белорусија.
Министерството додаде дека вежбите се „стриктно одбранбени, и не се насочени против која било друга држава или група држави“.
Вишиот претставник од армијата на Белорусија, генерал-мајорот Олег Воинов, вчера даде слично уверување, велејќи дека активностите не претставуваат закана за соседните земји или за Европа во целина.
Вежбите треба да траат до 20-ти септември.
Претходно неделава, Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, за Би-Би-Си (BBC), изјави дека иако секоја нација има право да спроведува воени вежби, Русија не е транспарентна за своите вежби и има минато на несоодветно распоредување трупи, прекршувајќи ги меѓународните правила за набљудување.
,Украина која не е членка на НАТО неделава одржува сопствените вежби заедно со војници од неколку членки на Алијансаата, вклучувајќи ги и САД.
Силите на НАТО, неделава исто така спроведуваат свои вежби во Германија, Латвија и Корзика.