Русија погоди детска болница во Киев

  • VOA

Спасувачи работат во детската болница која беше оштетена за време на руски ракетни напади во Киев

Руски проектил денес погоди детска болница во Киев, главниот град на Украина, дел од низата воздушни напади врз области низ целата земја, во кои загинаа најмалку 20 луѓе.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека спасувачите пребаруваат низ урнатините во детската болница каде што се` уште не е познат бројот на жртвите.

„Русија не може да тврди дека не знае каде летаат нејзините ракети и мора целосно да одговара за сите нејзини злосторства. Против луѓето, против децата, против човештвото воопшто“, рече Зеленски на Икс.

„Многу е важно светот да не молчи за ова сега, и сите да видат што е Русија и што прави“.

Градската воена управа на Киев соопшти дека во рускиот напад загинале најмалку седум лица и биле оштетени згради во повеќе области.

Руски напади го погодија и родниот град на Зеленски, каде загинале најмалку 10 лица и биле ранети уште 31, според локалните власти, додека во регионот Доњецк во источна Украина, властите соопштија дека проектили погодиле индустриска фабрика, при што загинале најмалку три лица.

„Руските терористи уште еднаш извршија масовен ракетен напад врз Украина“, рече Зеленски.

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг изјави денес дека меѓународната заедница треба да работи на создавање услови Русија и Украина да водат директни преговори.

Шји ова го изјави за време на посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, соопштија кинеските државни медиуми.

Патувањето на Орбан во Кина дојде неколку дена откако тој имаше слични разговори во Москва со рускиот претседател Владимир Путин, кои беа критикувани од Украина и од Европската Унија.

Дел од информациите се од Ројтерс