Во претседателската трка во САД, притисокот за придобивање на гласачите е во полн ек.
„Ќе ја спасиме нашата економија. Ќе ја спасиме нашата средна класа“, порачува Доналд Трамп.
„Време е да се сврти страницата. Свртете ја страницата“, порачува Камала Харис.
Но, на конкуренцијата, според американските официјални лица, се приклучи и Русија.
„Потесниот круг на претседателот Владимир Путин, вклучително и Сергеј Кириенко, им нареди на руските компании за односи со јавноста да промовираат дезинформации и наративи спонзорирани од државата, како дел од програмата за влијание на претседателските избори во САД во 2024 година“, посочува Мерик Гарланд, Државен обвинител на САД.
Дел од шемата, според САД, се и десетици веб-страници со карикатури за да влијаат на тоа како гласачите во САД размислуваат за критичните прашања.
Другиот дел го вклучува и медиумот Русија Тудеј поддржан од Русија - обвинет за испраќање на речиси 10 милиони долари на медиумска компанија со седиште во САД.
„Да им бидат платени на несвесните Американци милиони долари за да ја пренесат пораката на Кремљ да влијаат на изборите во САД и да ја поткопаат демократијата“, вели Метју Милер, Портпарол на Стејт департмент.
Русија ги отфрли обвиненијата.
„Ова е русофобија, ова е напад на слободата на говорот, ова е дискриминација и ова се највалканите игри на САД - држава за манипулации за време на изборниот циклус“, вели Марија Захарова, портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија.
Американските власти ги отфрлаат ваквите негирања како смешни.
Некласифицираната разузнавачка проценка објавена претходно овој месец ја нарекува Русија „најактивната закана од странско влијание“ за претстојните избори - со цел да ги зголеми шансите на поранешниот претседател Доналд Трамп.
А потоа следува Иран.
„Забележавме сè поагресивна иранска активност за време на овој изборен циклус. Тоа ги вклучува неодамна пријавените активности од страна на Иран за компромитирање на кампањата на поранешниот претседател Трамп и за избегнување изборен исход што тој го смета за спротивно на неговите интереси“, додава Гарланд.
Претставници на американските разузнавачки служби велат дека Кина, исто така, води кампања на социјалните мрежи од помал обем, чија цел е да им наштети на кандидатите за кои се смета дека се непријателски настроени кон Пекинг.
Но, под знак прашалнике е, дали американското одвраќање функционира.
„Мислам дека досега вакво нешто не се случило како врвно прашање што го следат повеќето американски гласачи, но навистина е важно гласачите да разберат што се случува и како тие можат лесно да станат пиони“, посочува Маргарет Талев од Универзитетот „Сиракуза“.
Американците имаат многу теми за размислување додека се подготвуваат да излезат на гласање.