Рокот истече, седуммина кандидати ќе се тркаат во првиот круг на претседателските избори

Потребните 10 илјади потписи беа недостижни за седуммина кандидати, повеќето независни. Трката за претседател на државата влегува во нова фаза. Ждрепката за листата на претседателски кандидати ќе се одржи на 28 март а кампањата за претседателските избори почнува на 4 април

СКОПЈЕ – Ноќеска на полноќ истече законскиот рок за собирање на неопходните 10 илјади граѓански потписи за влез во трката за претседател на државата. Очекувано, седуммина кандидати ги собраа потписите додека за останатите, претежно независни кандидати зад кои не стоеше политичка партија оваа бројка остана недостижна.

Во првиот круг кој ќе се одржи на 24 април, на гласачкото ливче ќе се најдат две жени, универзитетски професорки од кои едната е пратеник и петмина мажи, актуелниот претседател, тројца градоначалници и еден министер.

Пратеничката и професорка Гордана Силјановска – Давкова од ВМРО – ДПМНЕ, универзитетската професорка Билјана Ванковска од Левица, претседателот Стево Пендаровски од СДСМ, шефот на дипломатијата Бујар Османи од ДУИ, градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари од коалицијата „ВРЕДИ“, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски од ЗНАМ и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски од ГРОМ се кандидатите кои успеаа да ги соберат неопходните 10 илјади потписи иако Силјановска – Давкова и Пендаровски ја имаа поддршката и од триесет пратеници како втор услов кој е предвиден со законот.

Десет илјади потписи не успеаја да соберат седуммина кандидати. Станува збор за Мерсиха Смаиловиќ која беше кандидатка на Бошњачкиот демократски сојуз, до синоќа успеа да собере само 3.246 потписи, и независните кандидати докторот Вело Марковски кој собра 1.668 потписи додека останатите кандидати Господин Поповски, Зорица Цветковска, Ѓорѓи Манасков како и Драган Николовски и Гоце Ристов кои ја најавија својата кандидатура во средата имаа под илјада собрани потписи.

Ждрепката за листата на кандидати на гласачкото ливче ќе се одржи на 28 март, додека изборната кампања започнува на 4 април и завршува на 22 април на полноќ.

Доколку ниту еден од претседателските кандидати не добие мнозинство гласови во првиот круг, во вториот круг ќе се гласа за двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. За претседател во вториот круг е избран кандидатот кој ќе освои најмногу гласови во случај да излезат повеќе од 40% од избирачите запишани на списокот.