Разликата во платите, немањето еднакви можности, предрасудите од општеството се дел од причините поради кои голем број жени се повлекуваат од напредок во кариерата. Така сметаат наши менаџерки кои внесуваат нови насоки на македонската бизнис сцена.
„За истата работа, на иста позиција, со иста наобразба и професионално искуство, жените некогаш, дури и за подобро завршување на задачите, земаат пониска плата од мажите“, вели Филомена Пљаковска Аспровска, која е на чело на успешна компанија, а беше прогласена и за менаџерка на годината.
Your browser doesn’t support HTML5
Вели дека компании кои на раководните места имаат жени, покажале 25% поголем успех.
со иста наобразба и професионално искуство, жените некогаш, дури и за подобро завршување на задачите, земаат пониска плата од мажитеФиломена Пљаковска Аспровска, Главна извршна директорка во „Касис“ Скопје
„На сите треба да им бидат овозможени исти услови за работа. Тоа значи, исти плати за исти извршувања. Ист пристап до бенефиции, дали се тоа обуки, награди и слично. Само на тој начин вработените ќе бидат подеднакво мотивирани за да го дадат најдоброто од себе и наградени за учинокот“, додава Пљаковска Аспровска.
Неодамна во Скопје беше формирана и Алијанса за родова еднаквост на работните места. Поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска е на чело на оваа Алијанса.
„Трите пилари се еднаква плата, еднаква застапеност, еднаква можност. И, има за цел да претставува една платформа којашто ќе им даде водечка улога на самите компании да ја промовираат родовата еднаквост преку успешни примери, преку споделување на нивните и преку заедничка контрибуција и придонес за напредок на ова поле“, вели Ангеловска.
Од Алијансата укажуваат дека платите на жените во некои случаи се дури 18 проценти пониски од платите на мажите, иако се работи за исти работни позиции. Бараат поголемо освестување од компаниите.
Недоволната застапеност на жените во економијата претставува загуба за економиите и за бруто домашниот производНина Ангеловска, Претседателка на Алијансата за родова еднаквост на работните места
„Недоволната застапеност на жените во економијата претставува загуба за економиите и за бруто домашниот производ. Така и недоволната застапеност на жените на водечки позиции и во компаниите, и на менаџерски позиции и нивоа на одлучување, претставува потенцијално губење на профитите и растот на компаниите“, додава Ангеловска.
Родовата еднаквост и потребата за еднакви можности беше една од темите и на неодамнешниот Преспа форум. Таму беше истакнато дека во парламентарните состави низ светот, жените се само 26 проценти.
„Унапредување на родовата еднаквост и значителното учество на жените во јавниот живот е воедно вистинска и паметна работа што треба да се направи. Се согласуваме“, посочи Розмари ди Карло, заменик генерален секретар за политички прашања во ОН.
Според Ангеловска, политиката на еднакви квоти може да биде едно од решенијата, за рамноправна родова застапеност.
„Порано ако ме прашавте, не бев за квоти. Сега, од друга страна, има една изрека која вели ‘Подобро да ја добијам позицијата зашто сум жена, отколку да не ја добијам зашто сум жена’.. Мислам дека секој механизам кој може да придонесе, треба да се искористи. Да се применат добри практики“, укажува Ангеловска.
Од министерството за труд и социјала посочуваат на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027. Таа е во собраниска процедура и очекуваат со оваа стратегија да се овозможи економско јакнење на жените.
Советот од менаџерките, пак, е многу јасен.
„Образованието е многу важна алка и многу големо оружје за да покажеме колку можеме. Едноставно, сè што ќе се посака, може да се оствари со работа“, посочува Пљаковска Аспровска.