Ревидирање на договорот со Бугарија, можни се уште барања од Софија, посочуваат познавачи

Поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, вели дека Македонија и Бугарија треба да го ревидираат Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година

Поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, вели дека Македонија и Бугарија треба да го ревидираат Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, а со тоа бугарските власти да ги напуштат своите непринципиелни услови кои и ги поставуваат на земјата на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Треба да им кажеме на нашите пријатели и соседи дека овој начин на преговори не оди во правилна насока.Мора да го ревидираме, согласно член 12 од Договорот, да ги ифрлиме тие непотребни конфликти од Договорот и да најдеме една форма која што ќе значи европска димензија на нашите балкански односи. Ние сме држава, ние сме македонски народ, ние си имаме наша сопствена историја. Бугарите нека продолжат да си го негуваат својот историски наратив, своите херои, своите гледања на историјата, но нека ја остават Македонија, граѓаните сами да си го уредуваат својот двор“, вели Ѓорчев.

Претседателот на Паневропската Унија на Македонија и поранешен амбасадор, Александар Лепавцов вели дека Бугарија се однесува не европски.

„Често пати со нашите бугарски пријатели разговарам, дека ова не е начин како ние треба да ги развиваме нашите односи, бидејки тие треба да бидат асиметрични. Треба да имаме рамноправност во водењето на тој дијалог, а не да имаме тотална асиметрија во односите.Тоа е сосема погрешно, не европски и не води никаде“, вели Лепавцов.

И двајцата сметаат дека барањата на официјална Софија нема да завршат со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

„Еве што се крие. Вие треба секоја година да потпишувате едногодишни протоколи, кои се задолжителни и по членот 5 на преговарачката рамка. Тоа е поврзано со резултати во историско-образовната комисија. Вие мора да испорачате резултат од таа историска комисија. Од нас се бара да покажеме, да промениме делови од нашите историски учебници, да промениме делови од нашите образовни помагала, а тоа да се изрши со тутурство од некоја соседна држава,што е недозволено“, смета Ѓорчев.

Сличен став има и Лепавцов:

„Гласовите кои доаѓаат и од таму се дека ова е само почеток на серија барања, кои се имплементирани и во преговарачката рамка и во некои други барања кои се исфрлаат од изјави на некои нивни политичари. Тоа е погрешен пат. Значи можам да кажам дека таа тема за нив е неисцрпна и тоа е жално“.

Но, новинарот Зоран Иванов вели дека сега со помош на т.н Француска рамка таквите барања ќе бидат на некој начин контролирани од страна на другите членки на ЕУ.

„Важното е што сега не сме сами на билатерален терен со Бугарија, а темите историја, идентитет и слични не се теми на преговарачкиот процес. Нив ги нема како теми во преговарачките кластери. Од тој аспект добро е што преку рамката сме заедно со Бугарија на бриселската маса и небулозните барања од типот чиј бил, Гоце, Самоил кои не се теми на кластерите, мислам дека со помош на другите земји членки на ЕУ ќе се наоѓаат разно разни компромиси на општо задоволство на сите“, вели Иванов.

Бугарската потпретседаелка Илијана Јотова во интервју за телевизијата „Бугарија он ер“ рече дека земјава треба да ги вклучи Бугарите во Уставот и оти немале нови барања, но оти инсистирале на имплементација на сè што е забележано и прифатено од нивните европски партнери.

Your browser doesn’t support HTML5

Аналитичари сметаат дека ќе следат серија барања од Софија