Иднината на американската помош за Украина под можно раководство на републиканците во Бела куќа би била во знак прашалник. Осум републиканци кои бараат претседателска номинација се судрија околу оваа тема на првата партиска прелиминарна дебата.
Во Милвоки, кандидатите покажаа низа ставови кон поддршката на САД за напорите на Украина да се одбрани од целосната руска инвазија која започна во февруари 2022 година. Некои повикаа на елиминација или намалување на поддршката на САД, додека други даваа силна поддршка на помошта.
Неодамнешното истражување на Си-Ен-Ен покажа дека голем дел од републиканскиот електорат сака да го намали или елиминира американското финансирање, при што 71% велат дека Конгресот не треба да одобри ново финансирање, а 59% велат дека веруваат дека САД веќе направиле доволно за да го поддржат Киев.
На дебатата кај републиканците не беше присутен поранешниот претседател Доналд Трамп, кој моментално е во водство со голема разлика во јавните анкети. Трамп, наместо тоа, сними интервју кое се емитуваше во исто време со дебатата.
ДеСантис ја критикува Европа
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, беше прв од кандидатите што се осврна на ова прашање на дебатата. Вели, дополнителната американска помош „ќе зависи“ од зголемување на помошта од европските земји.
„Европа треба повеќе да се заангажира“, рече ДеСантис. „Ќе ја натерам Европа да се ангажира повеќе и да си ја заврши работата“.
Статистичките податоци кои се однесуваат за помош на Украина, покажуваат дека САД испратиле најголема помош.
Кандидатот кој беше најодлучен за ограничување на американската помош за Украина беше Вивек Рамасвами, технолошки бизнисмен кој нема искуство во јавна функција.
Рамасвами бепе прашан дали ќе поддржи зголемено финансирање за Украина.
„Не. Мислам дека ова е катастрофално – да штитиме преку туѓа граница, кога треба да ги користиме истите воени ресурси за да спречиме... како на пример инвазијата на јужната граница во САД“.
Тој тврди дека поддршката на САД за Украина ја „води Русија во рацете на Кина“ и ги обвини политичарите кои ја поддржуваат Украина - вклучително и републиканците - дека ги ставаат грижите на таа земја над потребите на САД.
Тој, се чини, ја исмејува нивната поддршка за украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Сметам дека е навредливо што имаме професионални политичари на сцената кои ќе одат на аџилак во Киев - кај нивниот папа Зеленски - без да го прават истото за луѓето во Мауи или јужната страна на Чикаго.“
Неколку други претенденти – поранешниот потпретседател Мајк Пенс, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли и поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи – остро ја критикуваа позицијата на Рамасвами, кои ја бранеа континуираната поддршка на САД за Киев и велат дека интересите на САД се загрозени во Украина.
Кристи, кој неодамна беше во Украина, ја потсети публиката на злосторствата извршени од руските војници во Украина и на многуте илјадници украински деца кои беа однесени од Украина и преселени во Русија.
„Ако не се спротивставиме на овој тип на автократско убивање во светот, ние ќе бидеме следните“, рече Кристи.
Пенс го отфрли тврдењето на Рамасвами дека помошта на САД за Украина ја нарушува способноста на земјата да се справи со сопствените проблеми, и рече:
„Секој што мисли дека не можеме да ги решиме проблемите овде во САД и да бидеме лидер на слободниот свет има прилично мал поглед на најголемата нација на Земјата. Можеме да го направиме и тоа и тоа“.
Хејли, која служеше како амбасадор на САД во Обединетите нации за време на администрацијата на Трамп, истакна дека помошта за Украина изнесува само околу 3,5 отсто од вкупниот буџет за одбрана на САД.
Таа се спротивстави на ставовите на Рамасвами во однос на надворешната политика, вклучително и неговата јавна изјава дека нема да се спротивстави на непријателското преземање на Тајван од страна на Кина по 2028 година.
„Тој сака да и ја предаде Украина на Русија“, рече Хејли.
„Тој сака да дозволи Кина да го изеде Тајван. Тој сака да оди и да престане да го финансира Израел. Не им го правиш тоа на пријателите, туку им го чуваш грбот. Украина е на првата борбена линија во однос на одбраната“.
Рамасвами возврати дека Хејли се надева на приклучување на одборите на американските одбранбени изведувачи Локхид-Мартин и Рејтеон, кои произведуваат голем дел од опремата што САД ја испратија во Украина.
Хејли рече дека нема никаква поврзаност со ниту една компанија.
„Немате искуство во надворешната политика, и тоа се покажа“.
Коментарите на Трамп
Во интервјуто со конзервативниот коментатор Такер Карлсон, објавено на социјалната медиумска платформа „Х“, порано позната како Твитер, Трамп само накратко се осврна на конфликтот во Украина.
Го искритикува претседателот Џо Бајден дека отишол на одмор.
„Тој треба да работи. Тој треба да не извлече од таа ужасна војна во која сме многу вклучени со Русија и Украина“, рече Трамп, кој продолжи да повикува да се стави крај на војната. Тој, тврди дека тоа може да се заврши „лесно“ и дека Русија никогаш немало да ја нападне Украина, доколку тој бил претседател.
Американската помош се смета за витална
Надвор од политиката, експерти за Гласот на Америка изјавија дека континуираната американска помош за Украина е од суштинско значење за борбата на земјата против Русија.
Николас Локер, научен соработник во Трансатлантската безбедносна програма во Центарот за нова американска безбедност, за Гласот на Америка изјави дека поддршката на САД е „клучна“ за континуираната одбрана на Украина.
„Вашингтон досега обезбеди најголема воена помош од која било земја со голема разлика. И без оваа помош, сосема е веројатно дека украинските сили би биле во многу полоша состојба отколку што се сега“, рече тој.
„САД имаа многу важна улога во координирањето на испораката на помош од повеќе од 40 земји преку раководството на Контакт групата за одбрана на Украина, без која за Киев би била помала веројатноста да ја добие најпотребната поддршка“, додаде тој.
Пензионираниот армиски полковник на САД, Џијан Џентил, кој сега служи како помошен директор на Одделот за истражување на армијата на корпорацијата РАНД, за Гласот на Америка изјави дека повлекувањето на американската поддршка би било „катастрофа“ за Украина. Тој рече дека тоа би не само што би повлекло скратување на пари и материјал, туку и обука на украинските сили.
„Целата украинска офанзива ќе престане“, рече тој. „Тие би морале да се обидат да го консолидираат тоа што го имаат“.
Но, можна е и поголема штата.
„Ако Русија знае дека (Украина) нема поддршка од САД, тоа би можело да биде доволно за таа да започне со свои големи контраофанзивни или офанзивни операции за да го врати тоа што го изгубиле“, рече Џентил. „И без американска поддршка, (Русија) би можела да биде прилично успешна“.