Приказната за Гоце Маринковски од Штип ја објавивме на 3 декември, 2022 година и тогаш стана една од најчитаните и најсподелуваните од продукцијата на Гласот на Америка на македонски јазик. Денеска ја реобјавуваме и ја посветуваме на сите лица што во македонското општество се соочуваат со Дауновиот синдром. Испраќаме порака, да се надминат предрасудите кои ги попречуваат овие македонски граѓани да ги остварат своите соништа за напредок.
***
Емотивен, приврзан за театарот и воодушевен од великаните на македонското глумиште е Гоце Маринковски, актер со Даунов синдром. Нема формално образование за актерска игра, но благодарение на отворените врати од театарот во Штип, Маринковски заиграл во неколку професионални претстави и ја искусил сета радост и тага што ја носат драмските ликови во себе.
„Кога ќе застанам на сцената, како да сум дома“, ни вели Гоце и додава дека веќе нема трема кога ќе застане пред публиката.
Првата трема ја надминал уште во детството, со играње во претставата „Дедовото внуче“. Денес зад себе има улога и во професионалната претстава „Роберто Зуко“, во режија на актерот Милорад Ангелов.
„Имаме работено неколку претстави заедно. Тоа е претставата ‘Роберто Зуко’ којашто во моето драмско студио, што тогаш се викаше ‘Пиф-Паф’, Гоце играше една од улогите. Потоа отидовме на неколку фестивали. Ја игравме „Монолози во доцните часови“ со кои настапивме на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани каде што имавме исклучителен успех“, вели актерот Ангелов.
Еден под бројните идоли на Гоце му е великанот на македонското глумиште, Петре Прличко. Сака неговата глума да биде иста како кај Прличко.
„Ако има некој јубилеј на Петре Прличко, од постоењето негово, од раѓањето, сакам да го направам тоа што тој не можел да го направи во тоа време“, вели Гоце.
Трети декември е денот посветен на лицата со попречености. Сепак, животот на Гоце, како личност која сака да биде дел од културата, не е едноставен.
Живее со неговите родители, кои се плашат дека можност за позначаен ангажман и напредок за нивниот син, како и воопшто за лицата со Даунов синдром.