Додека во Македонија, прашањето за бегалците од Блискиот исток, и евентуалната помош од државата за овие лица, стана прашање за политичка пресметка, Охриѓани се сеќаваат на деведесетите години, кога ги отвориле вратите за лицата погодени во војните во Босна и Херцеговина и во Косово.
Во Охрид престојувале околу 800-тини лица, од 30.000 бегалци од Босна и Херцеговина, и околу 1.000 од Косово, од вкупно 360.000 лица во цела држава.
Околу десет проценти од нив денес се жители на градот, а еден од нив е и Стефан Фармакоски од Сараево.
„Владата на Македонија дозволи седум автобуси, кои не донесоа прво во Скопје. Таму бевме два дена, а потоа на 28. мај 1993-та година, јас дојдов во Охрид. Бевме сместени кај роднини, кои ни даваа облека и хигиенски пакети. На своја желба, останав овде веќе 25 години“, вели Фармакоски.
Тој тогаш ја преживеал истата судбина, со која денес се соочуваат бегалците од Блискиот исток.
Вели дека денес бара помош за нив.
„Собиравме облека и ја испраќавме во Велес, за секому што му е потребна, без разлика на потекло и боја на кожа“, вели Фармакоски.
Оние што директно биле вклучени во прифаќање на бегалците од војните во поранешна Југославија, раскажуваат дека помош за бегалците пристигнувала од сите страни, како од Владата на Македонија, така и од странски организации
Неколку хотели во Охрид ги отвориле нивните капацитети, а граѓаните, пак, нивните куќи и станови.
„Со радио `Охрид` направиме контактна емисија, за да видиме каква е ситуацијата, и дали може да се прифати толкав број бегалци. 125 семејства се јавија во текот на емисијата, кои прифатија да примаат мајки со деца. Имаше доста Македонци, кои прифатија лица од Босна и Херцеговина, и албанско население од Косово“, вели Миле Трпеноски, поранешен секретар на Црвен Крст - Охрид.
Љупчо Милкоски, волонтер на Црвен Крст во Охрид вели дека градот секогаш имал силни капацитети, како и хуманитарно чувство да прифаќа бегалци.
„Сега треба да мислиме кој модел ќе го искористиме, и што ќе правиме ако дојдат повеќе од 1.000“, рече Милкоски.
Според податок на УНХЦР, во 2016-та година, бројот на бегалци и внатрешно раселени лица во светот, се движи околу 65 милиони.