Бегалците - фокус на изборите во Охрид

Your browser doesn’t support HTML5

Граѓанските организации повикуваат да не се политизира ова прашање

Охриѓани, на 15- ти октомври за време на одржување на локалните избори, ќе треба да го кажат нивното мислење дали се за или против населување и интеграција на мигранти во општината.

Вака ќе гласи референдумското прашање, по одлуката која што ја донесе Советот на Општина Охрид. Ова прашање беше причина и за политички обвинувања.

„Ние сме против населување на бегалци во Охрид. Каде беа овие советници со иста ваква иницијатива, кога милиони бегалци транзитираа низ Македонија. И тоа е игра која што сакаат да ја наметнат, за да го дефокусираат вниманието на граѓаните од локалните избори“, вели Јован Стојановски, советник од СДСМ.

Илија Арнаудов, советник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ е арогантна, и оти манипулира по ова прашање.

„Од туристички центар сакаат Охрид да го претворат во бегалски камп. Јасно е дека ги препознавате ароганцијата и манипулацијата на СДСМ. Нејзините советници, со тоа што беа воздржани, беа за населување на мигранти во Охрид“, вели Арнаудов.

Граѓанските организации, кои беа вклучени во давање помош на илјадници бегалци, кои транзититраа низ Македонија или беа сместени во некои од бегалските кампови, повикуваат ова прашање да не се политизира, бидејќи овиe луѓе не се закана за државата.

„Не постои документ со кој Македонија е обврзана да прими 10.000, 20.000 или 30.000 бегалци, особено кога тие бегалци не сакаат да останат во Македонија. Секое нивно користење и наметнување во политичката агенда и пропаганда, е нешто со кое политичките партии сакаат да манипулираат. Ги користат, за да шират еден вид паника“, смета Мерсиха Смаиловиќ, генерален секретар во организацијата „Легис“.

И Дуре Шерифоски од граѓанска организација „Лабурија“ вели дека овие лица се користат од некои политички субјекти за дневна политика.

„Како граѓански сектор тврдиме дека нема никаква опасност кон Македонија“, вели Шерифоски.

Досега само седум лица од Блискиот исток, од повеќе од 150 кои останаа заглавени во државата, по затворањето на Балканската рута во 2016-та, имаат поднесено барање за азил во Македонија.

Министерството за труд и социјална политика објави Предлог-стратегија за интеграција на бегалци и странци, во период од 2017-та до 2027-та година, а која се однесува на барателите на азил, преку адресирање на најважните четири области - домување, вработување, образование и обука.

Министерството негира дека се планира изградба на станови за бегалците, а референдум по ова прашање, треба да се одржи и во неколку други општини во државата.