Речиси триесетина автобуси запалени во Рио Де Жанеиро

Полицијата соопшти дека банди запалиле 35 автобуси и еден вагон по смртта на паравоениот водач во полициска операција

Полицијата во Рио де Жанеиро уапси 12 лица осомничени дека запалиле 35 автобуси во понеделникот, откако во полициска операција беше убиен водач на една од паравоените сили на бразилскиот град.

Уништувањето беше очигледна одмазда за операцијата што гувернерот на државата Рио де Жанеиро Клаудио Кастро ја опиша како „тежок удар“ за милицијата. Убиениот маж е идентификуван од британскиот весник „Гардијан“ како Матеус да Силва Резенде, внук на водачот на милицијата познат како „Господар на војната“.

Во Рио де Жанеиро дејствуваат бројни паравоени сили. Групите првично беа формирани од полицајци кои не се на должност и затворски чувари за да ги заштитат жителите во сиромашните населби на градот од банди на недозволена дрога, но оттогаш еволуираа во самите криминални банди, вклучени во неколку рекети.

35-те автобуси кои беа запалени беа лоцирани на западната страна на Рио, каде ривалските криминални групи се борат за територијална контрола. Во дивеењето во понеделникот изгоре и вагон. Гувернерот Кастро рече дека 12-те осомничени ќе бидат обвинети за „терористички акции“.

Нападите го прекинаа јавниот превоз во многу делови на Рио де Жанеиро и принудија затворање на неколку училишта.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Ројтерс и Франс прес.