Ребалансот помина во Влада, Буџетот ќе тежи 5,8 милијарди евра

Се зголемуваат приходите, но и расходите во Буџетот, дефицитот скокна на 720 милиони евра. Јавниот долг од сегашните 62 ќе скокне на загрижувачки 68 проценти од БДП. Проекциите за економскиот раст од 3,4 проценти се неостварливи и сега се позиционира на 2,1 процент а инфлацијата на 3,5 проценти.

СКОПЈЕ – Повеќе приходи но и повеќе расходи во државната каса, со раст на јавниот долг и раст на дефицитот за над 180 милиони евра, пари за плати и пензии се обезбедени. Ребалансот на Буџетот помина кај Владата а денес одговори за прекројувањето на државната каса даваше министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Економскиот раст ќе биде намален од првичната процена, покачување на минималната плата останува неизвесно а вината министерката ја лоцираше кај претходниците кои недомаќински работеле и ја оставиле државата во хаос а стопанството во клиничка смрт.

Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

„Буџет кој е список на желби место креиран развој, предимензионирани плаќања. Економијата е во клиничка смрт. Можам да кажам дека има многу доспеани обврски и дека не се пријавувани. Штетата на Буџетот е 32 милијарди денари“, изјави Димитреска Кочоска и кажа дека очекува овие наводи да ги испита и Јавното обвинителство.

Со ребалансот на Буџетот во државната каса ќе се слеат 5,2 милијарди евра приходи но расходите се за 720 милиони евра повисоки и изнесуваат речиси 5,9 милијарди евра. Со ова јавниот долг од сегашните 62 ќе се зголеми на загрижувачки 68 проценти од БДП. Според министерката за финансии првичните проекции за економскиот раст за 2024 година од 3,4 проценти се неостварливи и сега тој се позиционира на 2,1 процент. Инфлацијата е проектирана на 3,5 проценти.

Со ребалансот се обезбедни 66 милиони евра плус за исплата на плати и сега таа ставка тежи речиси 700 милиони евра додека за пензиите и зголемувањето ветено во предизборието се обезбедени дополнителни 80 милиони евра.

Според Димитриеска Кочоска во наредните четири години, заклучно со 2028 година државата ќе треба да плати 1,8 милијарди евра на основ на камати.

Кратење на средства има на повеќе места. Така од КОВИД-мерките во Буџетот, предвидени од претходната Влада се кратат 620 милиони денари.

„Комплетно се скратени 620 милиони денари од КОВИД-мерките предвидени во Владата и повеќе нема што да стои таква мерка – „КОВИД“. КОВИД-от е одамна зад нас и нема зошто да зборуваме за КОВИД во 2024 година“, рече Димитриеска Кочоска.

Ќе се вратат и долгови на ЈСП, ЈПДП, ЕСМ, железница. На електрани ќе им се помогне сега во август но потоа нема да има поддршка за нив и ќе мора сами да работат.

„Обезбедивме средства и за гаранции, односно со ребалансот обезбедивме 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Имено ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а согласно закон Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата во нивно име. Последиците од крајно расипничкото работење во овие претпријатија повторно паѓаат на терет на граѓаните. Како и да е за истото треба да има одговорност“, изјави министерката.

Од СДСМ, околу ребалансот на Буџетот, се огласија само околу минималните плати.

„Првично она што се гледа е дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на минималната плата, нема мерки и политики за зголемување на платите по сектори а најавува зголемување на задолжувањето. Тоа не е добро, стандардот на граѓаните и на работниците треба да се зголемува а не да се загрозува. Гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби и се правда дека немало пари во буџетот. Има пари за се“, изјави пратеникот Борче Цветков.

Од најголемата опозициска партија соопштија дека ребалансот на Буџетот допрва ќе се анализира и потоа од партијата ќе излезат со конкретни забелешки.