По пресудата на Меѓународниот трибунал за воени злосторства против Ратко Младиќ се огласи Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.
„Амбасадата на САД во Сараево смета дека денешната пресуда на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија во случајот против Ратко Младиќ е важен чекор кон утврдувањето на одговорноста на поединците кои предизвикаа тешки страдања за граѓаните на Босна и Херцеговина.“
Понатаму во соопштението се вели дека амбасадата „апелира до сите страни да ја прифатат пресудата и да се свртат кон континуиран ангажман на помирување и мирен заеднички живот кои се неопходни за иднината на стабилна и безбедна Босна и Херцеговина, во која правата на сите граѓани ќе бидат заштитени.“
Во соопштението од канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг се вели дека извршителите за воени злосторства одговараат за сторение дела: „НАТО помогна ова темно поглавје од историјата на Европа да се затвори. Западниот Балкан е од стратешка важност за Алијансата, која помага во изградбата на стабилност во регионот изминативе дваесетина години. Ние ја гледаме иднината на Западниот Балкан во евро-атлантската соработка и интеграција за оние кои ја посакуваат. Се надеваме дека денешната пресуда ќе го приближи регионот до патот на мирот и помирувањето“ се вели на крајот од соопштението.
Поранешен врховен командант на НАТО, адмиралот Џејмс Ставридис изјави: „Ова пресуда е една од најконкретните, најпрактичните и најважните настани во историјата на глобалната правда. Тој беше лош човек кој заслужува да го помине остатокот од животот во затвор, размислувајќи за штетата што ја направи за светот“