„Изборите доаѓаат и си заминуваат, но интересите на граѓаните остануваат непроменети – а тие се во мир и благосостојба да ги одгледаат своите деца и внуци. И тоа е нашата порака и за нас и за нашите македонски колеги.“
Your browser doesn’t support HTML5
Ова денеска во Скопје го порача спикерот на Народното собрание на Бугарија. Росен Желјасков е првиот високопозициониран бугарски политичар што доаѓа во во земјава откако политичката ситуација во Софија се стабилизираше и се формираше релативно цврста влада. Посетата на претседателот на бугарскиот параламент доаѓа во период на неизвесност околу процесот на уставни измени кој е блокиран зашто ја нема поддршката од опозицијата. Тоа го нотираше и самиот Желјасков кој се надева дека во македонското собрание ќе надвладеат „разумот и политичката волја“.
„Јасно е дека има мнозинство, но тоа, во моментов, не е доволно. Но, како што беше споделена една мисла – државниците мислат за наредните поколенија, а политичарите мислат за наредните избори. Позицијата на Бугарија е дека нема алтернатива за приемот на С Македонија во ЕУ. Верувам дека разумот и политичката вопја ќе надвладеат и уште оваа година ќе имаме можност да видиме почеток на преговори. За нас е исклучително важно С Македонија а Албанија заедно да одат по тој пат“, рече Желјасков.
Повика на градење доверба, справување со говорот на омраза, но и не заборави да побара запазување на правата на бугарската заедница во Северна Македонија. Чекорите што треба да се преземат, според Желјасков, се заради „заедничка европска иднина на нашите народи“. Неговиот домаќин, Талат Џафери, само кусо ги спомна уставните измени, процес кој од август е во статус-кво.
„Го информирав Желјасков дека е во тек завршувањето на скринингот на нашето законодавство, а во процес сме и не промена на Уставот за што е потребно обезбедување двотретинско мнозинство. Во однос на билатералните односи се согласивме дека е потребно промовирање на позитивна ретотрика која може да придонесе за градење на меѓусебна доверба.“
Џафери ја прекина седницата на која требаше да се гласа за пристапување кон измена на Уставот, што е првата фаза од процесот за која е потребно двотретинско мнозинство. Втората етапа е утврдување на нацрт-амандманите и за тоа е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61. Третата, конечна фаза е усвојување на амандманите и за тоа повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.