Екс-шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе не е јавна обвинителка. Советот на јавни обвинители денеска ја разреши Вилма Русковска од функцијата.
Your browser doesn’t support HTML5
„Едногласно е усвоен предлогот на Комисијата за разрешување од функцијата јавен обвинител“, рече Душица Димитриеска, претседателка на Советот на јавни обвинители.
Со тоа се стави крај на децениската обвинителска кариера на Русковска во која, таа меѓу другото, беше и прв човек на најважното обвинителство во земјава – она задолжено за справување со организираниот криминал.
Нејзиното разрешување следи откако влезе во отворен конфликт со поранешниот директор на Финансиската полиција и наредбата за претрес на просториите на оваа институција пред година и половина.
За овој чекор против Русковска и уште две обвинителки беше отворена дисциплинска постапка од што и тргна процесот кој финишираше со нејзиното денешно разрешување, откако претходно членовите на Советот ја одбија нејзината жалба.
„Разрешувањето е поради направена тешка дисциплинска повреда. Детално ќе бидат опишани дејствијата што ги презела во одлуката која писмено ќе ја изработиме и ќе ја објавиме“, изјави Душица Димитриеска, претседателка на Советот на јавни обвинители.
Првичната реакција на Русовска е дека нема да се жали на одлуката и дека планира да се пензионира. Нејзиното разрешување се случува непосредно по објавувањето на извештајот на Европската комисија за земјава во кој се заклучува дека „немало напредок во борбата против корупцијата“, сегментот за кој меѓу најодговорните институции е обвинителството со кое во минатото раководеше Вилма Русковска во чиј мандат беа отворени неколку предмети против актуелни функционери од власта.