Д-р Сузана Арбутина: Изложеноста на загаден воздух создава ризик за астма, инфекции, рак на белите дробови

Кога сте на отворено, користете заштитни маски против загадувањето на воздухот. Стандардизираните заштитни маски обезбедуваат најдобра заштита, вели докторката Сузана Арбутина, субспецијалист пулмолоалерголог од Клиниката за пулмологија и алергологија

Фините честички (PM2.5) успеваат да влезат и во крвотокот каде што предизвикуваат верижна реакција што може да доведе до срцев удар, рак и мозочен удар, укажува докторката Сузана Арбутина, субспецијалист пулмолоалерголог од Клиниката за пулмологија и алергологија во разговор за Гласот на Америка

Кога сте на отворено, користете заштитни маски против загадувањето на воздухот. Стандардизираните заштитни маски обезбедуваат најдобра заштита, советува докторката Сузана Арбутина, субспецијалист пулмолоалерголог од Клиниката за пулмологија и алергологија во разговор за Гласот на Америка.

Докторката Арбутина наведе повеќе превентивни постапки што граѓаните треба лично да ги преземат за да се заштитат додека Скопје и дел од другите градски средини во државата се соочуваат со висока загаденост на воздухот.

  • Користете AQI (индекс за квалитет на воздух) прогнози за да планирате активности на отворено.
  • Избегнувајте напорна активност. Кога сте активни, вдишувате значително поголеми количества воздух. При одмор и лесни активности, доволни ви се околу 15 вдишувања во минута, додека за време на вежбање таа бројка се зголемува на помеѓу 40 и 60 во минута. Како резултат на тоа, поголеми количини на загаден воздух влегуваат во вашите дишни патишта.
  • Скратете ги вашите активности на отворено особено наутро и навечер.
  • Поминувајте помалку време во близина на прометни патишта.
  • Не отворајте ги прозорците! Иако нашите домови можат да имаат различни извори на загадување на воздухот, студија од 2016 година сугерира дека помеѓу 10 и 100% од загадувањето на воздухот во затворените простории всушност доаѓа од надворешната средина. Загадениот воздух влегува во вашите четири ѕида преку отворени прозорци и врати.
  • Хроничните пациенти треба навреме да ја земаат пропишаната терапија и да одат на редовни контроли кај лекар.
  • Кога сте на отворено, користете заштитни маски за загадување на воздухот (стандардизираните заштитни маски обезбедуваат најдобра заштита).

Доктор Арбутина вели дека треба да се води сметка за заштита и во затворени простории. Таа ги препорачува следните активости:

  • Елиминирајте го тутунскиот чад
  • Намалете ја употребата на печки на дрва и камини
  • Користете „HEPA“ филтри за воздух и прочистувачи за воздух дизајнирани да намалување на честичките
  • Не палете лисја, ѓубре, пластика или гума.

Најмногу погодени се земјите од среден и низок економски стандард

„Огромна закана за здравјето се и печките на дрва, кои според проценките на научниците од Шефилд тројно го зголемуваат загадувањето на воздухот. Имајќи го тоа на ум, ако вака се загревате, можеби ќе сакате да размислите да се префрлите на поздрави, поодржливи и поеколошки алтернативи“, укажува докторката.

Огромна закана за здравјето се и печките на дрва, кои според проценките на научниците од Шефилд тројно го зголемуваат загадувањето на воздухот

Како што истакнува докторката загадувањето на воздухот е четврти водечки фактор на ризик за смртност во светот, а најпогодени се земјите со низок и среден економски стандард.

„Овој ‘тивок убиец’ се смета за една од најважните детерминанти на здравјето и е главен здравствен проблем на животната средина што ги погодува сите во земјите со низок, среден и висок стандард. Според Светската здравствена организација (СЗО), секоја година загадувањето на воздухот е одговорно за речиси седум милиони смртни случаи ширум светот. Девет од десет луѓе во моментов дишат воздух што ги надминува ограничувањата на упатствата на СЗО за присуство на загадувачи, и најмногу страдаат жителите во земјите со низок и среден стандард“, вели докторката.

Долготрајната изложеност на загаден воздух кај здравите луѓе го зголемува ризикот од развој на нови респираторни заболувања, како што се астма кај деца и возрасни, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), акутни инфекции на долните дишни органи и рак на белите дробови

Последици од загадениот воздух: Астма кај деца и возрасни, инфекции, рак на белите дробови

Дишниот пат е првата порта за влез на загадувачи од воздухот, и соодветно на тоа, ефектите од загадувањето на воздухот врз респираторниот систем се најинтензивно проучувани со децении.

Долготрајната изложеност на загаден воздух кај здравите луѓе го зголемува ризикот од развој на нови респираторни заболувања, како што се астма кај деца и возрасни, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), акутни инфекции на долните дишни органи и рак на белите дробови.

Исто така, се проценува дека 40% од смртните случаи од ХОББ, 30% од смртните случаи од акутни инфекции на долниот респираторен тракт и 19% од сите смртни случаи од рак на белите дробови во светот може да се припишат на вкупното загадување на воздухот.

Стерилитет, предвремени породувања, аномалии кај новороденчињата

Листата на штетни последици врз здравјето на луѓето што се изложени на загаден воздух, според укажувањето на докторката Арбутина, е исклучително долга. Така таа ги наведува и следниве можни влијанија:

- Респираторен систем: Загадувачи, SO2 честички го оштетуваат ткивото на белите дробови, делуваат како надразнувачи - бронхитис, астма, пневмонија, рак на белите дробови

- Кардиоваскуларен систем: Висок крвен притисок, стимулирање на воспалителен процес, нарушување на ритамот,

- Хематолошки систем: Штетни ефекти врз крвта, лимфните жлезди, коскената срцевина

- Имунолошки систем: Хиперсензитивност - алергии и имунолошки заболувања, имуносупресија,

- Нервен систем: Оштетување на периферниот и централниот нервен систем, оштетување на мозокот, особено за време на феталниот развој и кај децата,

- Скелетниот систем: Разни коскени оштетувања и болести,

- Репродуктивен систем: Мажи – стерилитет, рак на тестисите; Жени - стерилитет, абортус, предвремено породување; Новородени - мала телесна тежина за возраста, аномалии.

Кои се опасните загадувачки елементи во воздухот – што се PM честички?

„Загадувачите кои предизвикуваат голема грижа за јавното здравје вклучуваат честички РМ, јаглерод моноксид, озон, азот диоксид и сулфур диоксид. Загадувањето на воздухот на отворено и во внатрешни простории предизвикува респираторни и други болести и се важни причини за зголемување на морбидитет и морталитет“, вели д-р Арбутина.

Како што објаснува, честичките „PM“ се најчест показател за загаденоста на воздухот, пр што постојат докази за негативните влијанија врз здравјето поврзани со изложеноста на овој загадувач.

Докторката посочува на два типа честички (PM):

  • PM10 - суспендирани честички со дијаметар помал од 10 микрони. PM10 е штетен по здравјето бидејќи може да предизвика блокирање и воспаление на горни и долни дишни патишта, предизвикувајќи низа респираторни нарушувања кои можат да доведат до болест или дури и смрт.
  • PM2.5 - суспендирани честички со дијаметар помал од 2,5 микрони

Во списанието Climate and Atmospheric Science, објавена е студија која се фокусираше на типот на загадување на воздухот токму со овие фини честички или PM 2.5 - микроскопски делови од честички во воздухот и кондензирани течни капки

Фините честички продираат длабоко во внатрешноста на белите дробови, предизвикувајќи воспаление што предизвикува или влошува широк спектар на респираторни заболувања, од кои некои може да бидат фатални

„По поминувањето низ човечкиот дишник, фините честички продираат длабоко во внатрешноста на белите дробови, предизвикувајќи воспаление што предизвикува или влошува широк спектар на респираторни заболувања, од кои некои може да бидат фатални. Исто така, тие успеваат да влезат во крвотокот, каде што предизвикуваат верижна реакција што може да доведе до срцев удар, рак и мозочен удар“, укажува докторката Арбутина.

Последици од живеењето во средини со висока загаденост на воздухот

Докторката Арбутина вели дека нивоата и времетраењето на изложеноста што може да се сметаат за „безбедни“ варираат во зависност од загадувачот, но и од претходна здравствена состојба. За некои загадувачи, не постојат прагови под кои не се појавуваат негативни ефекти.

„Краткотрајна изложеност на високи нивоа на честички може да доведе до намалена функција на белите дробови, респираторни инфекции и влошување на веќе постоечки хронични респираторни болести. Со оглед на тоа што долгорочната или хронична изложеност на ситни честички го зголемува ризикот на популацијата за посериозни заболувања, како што се некои незаразни хронични болести, вклучувајќи мозочен удар, срцеви заболувања, хронична опструктивна белодробна болест и карцином“, вели докторката.

Околу 37% од предвремените смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот на отворено се должат на исхемична срцева болест и мозочен удар

Докторката Арбутина ги пренесува и сознанијата од Светската здравствена организација. Така, како што истакнува, СЗО проценува дека во 2019 година:

  • Околу 37% од предвремените смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот на отворено се должат на исхемична срцева болест и мозочен удар;
  • 18% и 23% од смртните случаи се должат на хронична опструктивна белодробна болест и акутни инфекции на долните дишни патишта;
  • 11% од смртните случаи се должат на рак во респираторниот тракт.

„Сето ова влијае назголемен прием во болници, зголемена фреквенција на посети на итната помош, матичниот лекар, лекар специјалист, зголемена употреба на лекови,отсуства од работа и училиште“, посочува Арбутина.

4,5 милиони смртни случаи од загадувањето надвор, 2,5 милиони од внатрешно загадување

„Според извештај за состојбата на глобалниот воздух - кој ги сумира најновите научни сознанија за загадувањето на воздухот ширум светот - 4,5 милиони смртни случаи биле поврзани со изложеноста на надворешниот воздух во 2019 година, а други 2,2 милиони смртни случаи биле предизвикани од загадувањето на воздухот во затворените простории“, посочува докторката.

Изложеноста на ситни честички предизвикала околу 417.000 предвремени смртни случаи во 41 европска земја во 2018 година

„Иако квалитетот на воздухот во Европа значително се подобри во текот на изминатата деценија, најновате проценки на квалитетот на воздухот на ЕЕА (Европската агенција за животна средина) покажаа дека изложеноста на ситни честички предизвикала околу 417.000 предвремени смртни случаи во 41 европска земја во 2018 година“, вели Арбутина.

Таа ги изнесува и бројките дека во 2020 година во Европската унија, 96% од урбаното население било изложено на нивоа на ситни честички над нивото на упатствата утврдени од Светската здравствена организација.

„Во 2020 година, изложеноста на концентрации на ситни честички над нивото на упатствата на Светската здравствена организација за 2021 година резултираше со 238.000 предвремени смртни случаи во ЕУ-27“, посочува Арбутина.

Последици од Јаглерод моноксинд, озон, азот, сулфур

Докторката Арбутина наведе какви се можните последици и од другите токсични елементи во воздухот:

- Јаглерод моноксид (CO)-токсичен гас без боја, мирис. Изложеноста на зголемена концентрација е поврзана со појава на главоболки, визуелни нарушувања, намалена когнитивна способност, намалена способност за изведување сложени дејства. Многу високи концентрации може да доведат до несвест и смрт.

- Озон (О3) Тропосферски, озон на нивото на земјата е една од главните состојки на фотохемискиот смог. Озонот е силен надразнувач и може да предизвика пневмонија, отежнато дишење, болка и отежнато дишење во градите, кашлица, како и да ги интензивира постоечките респираторни заболувања како пневмонија и астма. Долготрајната изложеност на озон често се поврзува со хронични заболувања на респираторните органи.

- Азот диоксид (NO2) е гас кој најчесто се ослободува од согорувањето на горивата во транспортниот и индустрискиот сектор. Азотните оксиди играат значајна улога во влошување на постоечките белодробни заболувања, астма, бронхијални симптоми, пневмонија и намалување на целокупната функција на белите дробови.

- Сулфур диоксид (SO2)2 е безбоен гас со остар мирис. Сулфур диоксидот може да влијае на респираторниот систем, предизвикувајќи кашлање, производство на секрет, егзацербација на астма и хроничен бронхитис. Истражувањата покажаа дека изложеноста на зголемени концентрации на сулфур диоксид ја зголемува смртноста, особено кај делот од популацијата со срцеви и белодробни заболувања

- Уредите за согорување во домаќинствата, моторните возила, индустриските објекти и шумските пожари се најчести извори на загадување на воздухот.