Расте функционалната неписменост кај македонските ученици. Тоа во разговор за Гласот на Америка го укажува професорката од Педагошкиот факултет, Анита Штерјоска Митреска.
„За жал тие резултати се потврдуваат и на националните тестирања, односно на националните следења на писменоста“, вели професорката која е авторка на единствениот македонски научен труд посветен на проблемите со функционалната писменост.
„Имаме бројни ученици коишто постигнуваат завидни резултати на меѓународни натпревари и слично. Меѓутоа, ако го земеме целокупниот впечаток, тоа што го покажуваат истражувањата е дека најголемиот број од учениците не се свесни за функционалноста на нивните знаења во секојдневниот живот“, вели Штерјоска-Митреска.
Вели дека тоа се покажува како слабост во повеќе области.
„Во доменот на математичката писменост имаме состојби кога учениците совршено решаваат задачи од областа на процентите, меѓутоа тие не успеваат да ја пресметаат цената на чинење на парче облека доколку таа е зголемена или намалена за 30 проценти. Токму во овој дел ја гледаме функционалната страна на писменоста“, посочува професорката.
Честото користење на социјалните мрежи, довело и до нова појава кај учениците.
„Во писмените и во пишаните состави на учениците сретнуваме нижење зборови. Учениците ги редат зборовите без да ги организираат во една логична, мисловна целина. Во нивните, да ги наречам, текстови коишто можат да зафатат и две страници, нема ниту една точка, нема ниту една запирка. Сето тоа е негативното влијание од овој начин на комуникација врз нивното усно, односно писмено изразување“, укажува Штерјоска-Митреска.
Една од причините за слабите резултати е и тоа што постои одреден јаз меѓу македонското образование и тоа што се бара на меѓународните тестирања.
„Во нашата наставна практика, до оваа година, речиси и да не се интерпретираа информациски текстови, научно популарни текстови, инструкциски текстови. Изборот на содржините мора да биде во согласност со тоа што го бара светот. Тоа што е актуелно во глобалното општество. Меѓутоа не смееме да го заборавиме и нашиот национален идентитет, нашата традиција. Сето тоа всушност се вградува во личноста на ученикот и претставува основа за негов понатамошен раст“, вели Штерјоска-Митреска.
Професорката посочува и на слабости во изведувањето на наставата.
„Многу ретка е практиката кога учениците се ставаат во ситуација самостојно да работат врз текстот, самостојно да пронаоѓаат информации, самостојно да носат заклучоци. Наставата треба да почне со дефинирање автентичен проблем. Некоја реална животна ситуација, којашто е интересна за учениците, којашто е реална, со којашто тие секојдневно се соочуваат. Решавањето на тој проблем ќе биде методски обликуван од страна на наставникот“, советува Штерјоска-Митреска.
Промената се очекува да дојде постепено, со обуки, како за сегашните наставници, така и за студентите, кои треба да бидат едукатори на новото време.