Американците имаат помалку бебиња. Стапката на плодност е на најниско ниво досега, според априлскиот извештај на Центрите за контрола и превенција на болести на САД.
Ова прашање стана дел од претседателската кампања откако повторно се појави клип од републиканскиот кандидат за потпретседател Џеј Ди-Венс, велејќи дека демократите претпочитаат миленици отколку деца.
„Ние сме управувани во оваа земја од демократите, преку нашите корпоративни олигарси, од еден куп дами без деца кои чуваат мачки“, истакна Џеј Ди Венс.
Венс вели дека демократите се против семејства.
„Ако вашето општество нема доволно деца тоа е длабоко опасна и дестабилизирачка работа. Ако немате деца, немате иднина. Не можете да ја увезете следната генерација. Мора да имате стабилни, здрави, среќни семејства“, додава Венс.
„Мислам дека треба да бидеме свесни оти стапките на плодност се променија и тие суштински ја менуваат нашата понуда на работна сила. Тие се еден вид стрес врз на нашите ресурси, но дали треба да алармираме за тоа или не, е друга работа“, смета Џенифер Скиба, претседателка на Бирото за население.
Џенифер вели дека помалку раѓања на крајот би можеле да значат помалку работници, што би можело да ја оптовари економијата. Но, таа додава дека работата е покомплицирана од тоа.
„Никогаш не е само бројот на луѓе во работната сила, туку колку добро тие луѓе, нивните вештини, образование и фаза во животот, одговараат на барањата на пазарот на трудот“, додава Скиба.
Други забележуваат дека прашањето можеби е помалку за бројките, а повеќе за тоа кој раѓа бебиња.
„Ако велите 'јас сум многу загрижен за опаѓањето на стапките на плодност', тогаш мора да признаете дека тие стапки на плодност се првенствено кај белите жени, што значи дека вашата загриженост е навистина дека белите, образовани жени не раѓаат деца“, вели Џулија Хелвег од Универзитетот на Јужна Дакота.
Во меѓувреме, бројките на Центрите за контрола и превенција на болести на САД, покажуваат дека популациите во САД со повисоки стапки на плодност имаат тенденција да бидат обоени луѓе, кои, исто така, имаат тенденција да имаат повисоки стапки на смртност кај мајките.
Сепак, генерално, стапката на глобалниот раст на населението забавува во последните пет децении.
„Глобално, вкупната стапка на плодност или просечниот број на деца родени по жена е околу 2,2. И тоа само ви покажува дека има толку многу места во светот, всушност, 2 од секои 3 лица во светот живеат некаде со ниска стапка на плодност“, вели Скиба.
Намалувањето на наталитетот во САД може да се припише на промената на ставовите. Една неодамнешна студија на Истражувачкиот центар „Пју“ покажа дека 47% од возрасните од 18 до 49 години велат дека веројатно нема да имаат деца, а од нив, 57% велат дека тоа е затоа што едноставно не сакаат.
Фразата „Жена без деца која чува мачки“ се чини дека им годи на некои. Поп-ѕвездата Тејлор Свифт неодамна ја искористи за да се потпише под нејзиното одобрување на кандидатката за претседател на САД Камала Харис.