Дипломатска изолација на Катар

Тилерсон вели дека не очекува мерките на Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Египет да имаат влијание на борбата против тероризмот

Саудиска Арабија, Бахраин, Обединетите Арапски Емирати и Египет, објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, обвинувајќи ја државата за поддршка на тероризмот.

Секоја од државите во одделен потег најави дека ќе го повлече дипломатскиот персонал и ќе го прекине воздушниот и поморскиот сообраќај со Катар.

Регионалните авиокомпании, вклучувајќи ги „Саудија“, „Емирати„ и „Етихад“ соопштија дека ќе ги прекинат летовите до Катар, а „Катар ервејс“ најави прекин на летовите до Саудиска Арабија.

Подоцна и Јемен најави прекинувањето на односите со Катар.

Саудиска Арабија, која ја предводи коалиција на држави кои се борат во Јемен и даваат поддршка на тамошната влада, соопшти дека војската на Катар ќе биде исклучена од учество во понатамошните акции.

Саудиската државна новинска агенција „СПА“ соопшти дека Катар „поддржува повеќе терористички и секташки организации кои имаат за цел нарушување на стабилноста во регионот, вклучувајќи ги Муслиманското братство, Исламската држава и Ал-Каида, и во медиумите постојано ги промовираат пораките на овие групи“.

Од Министерството за надворешни работи на Катар изјавија дека мерките се „неоправдани и засновани на неточни обвиненија“.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, рече дека не очекува чекорот да има влијание на борбата против тероризмот во регионот и на глобално ниво. Тој ги повика сите страни да седнат и да ги надминат несогласувањата. Тилерсон кажа дека САД сметаат дека е важно членовите на Советот за соработка во Заливот да останат обединети.

Централната команда на армијата на САД има големо присуство во воздухопловната база Ал Удеид во Катар.