Рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва планира да ги таргетира САД со ново хиперсонично оружје, ако Вашингтон распореди ракети со среден дострел во Европа.
„Русија ќе биде принудена да создаде и да распореди оружје што ќе може да се користи на териториите од каде доаѓа директна закана за нас, како и на териториите каде се наоѓаат центрите за носење одлуки“, изјави Путин за време на неговото 15-то годишно обраќање до нацијата.
Путин ги одби тврдењата на САД дека одлуката на Вашингтон да се повлече од Договорот за контрола на вооружувањето била поттикната од руското прекршување на Договорот.
Тој рече дека САД погрешно ја обвиниле Русија со цел да ја оправдаат нивната одлука за повлекување.
„САД директно ги прекршија правилата на Договорот“, рече Путин, и додаде:
„Русија нема намера прва да распореди нови проектили во Европа. Ако САД навистина распоредат ракети на европскиот континент ќе се создаде опасност за Русија“.
Тој нагласи дека американските лидери имаат право да мислат како сакаат, нагласувајќи дека треба да пресметаат со каква брзина Русија ќе развие систем на вооружување.
„Подготвени сме за разговори за разоружување, но, повеќе нема да тропаме на затворена врата“, додаде Путин.
Во декември, кога државниот секретар Мајк Помпео го најави повлекувањето на САД од Договорот за контрола на нуклеарното вооружување, и` даде на Русија рок од 60 дена да почне да ги почитува правилата од овој договор, оставајќи отворена врата да го откаже повлекувањето.
„Русија не ги направи потребните чекори во рок од 60 дена“, рече Помпео.
Согласно правилата, Москва и Вашингтон се должни да преговараат шест месеци во случај на разидување, по што доколку не се постигне договор ќе уследи целосно повлекување од Договорот.