Птичјиот грип ги вивна цените на јајцата во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Последната епидемија на птичји грип доведе до повисоки цени на јајцата во САД. Додека трговците и потрошувачите го чувствуваат поскапувањето, еден фармер гледа можност ако успее да дојде до неколку здрави кокошки. Известува Вероника Балдерас Иглесијас.

Како што цените на јајцата продолжуваат да растат низ САД, поради појава на птичји грип што предизвикува висока смртност кај птиците, некои Американци ги менуваат своите навики.

„Порано една кутија јајца чинеше околу 3,50 долари, сега е околу 6,50 долари или слично. Порано можеби трошев околу 12 јајца неделно, сега јадам можеби 12 јајца секои две недели“, вели Садек Зуаимија, потрошувач.

„Се сеќавам дека јајцата беа многу поевтини пред околу две и пол години, а потоа наеднаш цената повторно вртоглаво порасна. Страшно е. Мислам дека тоа е една од основните работи во секојдневниот живот“, вели Стефани Магес, потрошувачка.

Цените ретко се качуваа над два долара за 12 јајца во последните шест години или пред појавата на вирусот H5N1 во 2022 година.

Но, покачувањето беше нагло од крајот на минатата година, при што потрошувачите плаќаат до седум долари за 12 јајца во јануари.

„Трговците кои ги купуваат јајцата на големо, гледаме дека почнаа да ги пренесуваат тие цени на потрошувачите. За да се стабилизира цената на јајцата, ние навистина треба да видиме стабилизација во нашата понуда и тоа ќе бара од нас да се справиме со птичјиот грип“, вели Џејми Лук, економист од Државниот универзитет од Мичиген.

Лук не гледа дека тоа ќе се случи наскоро.

„Одделот за земјоделство процени дека цената на 12 јајца ќе се зголеми за околу 20% во 2025 година во споредба со нивоата од 2024 година“, додава Лук.

Американскиот одбор за јајца изјави за Гласот на Америка дека побарувачката за јајца останува висока, но призна дека многу заразниот птичји грип довел до ниски залихи на јајца во неколку региони и повисоки цени.

Тие повисоки цени може да бидат добра вест за фармерот од Вирџинија Џорџ Тервилигер, кој гледа шанса да ја направи својата семејна фарма попрофитабилна.

„Можеби ќе најдам безбедно снабдување со кокошки и дури двојно или тројно да го зголемам бројот. Не сакам да ги барам луѓето за свежи јајца, но мислам дека малите производители имаат можност да пополнат некои од празнините овде“, вели Тервилигер.

Но, Тервилигер предвидува дека на крајот, големите производители на храна ќе најдат начини да ги заштитат своите птици од болеста и оти цените на јајцата ќе се намалат.