Протест на хонорарците: Не плаќаме!

  • Соња Трајковска

Од денешниот протест на хонорарците во Скопје

Дадоа и поддршка на студентите коишто основаа Автономна студентска зона

Стотици граѓани, меѓу нив новинари, актери, сликари, музичари, преведувачи, претставници и членови на повеќе синдикати, граѓански здруженија и движења и други невладини организации, денеска кажаа - „не“ на законот со кој државата зема повеќе од една третина од хонорарите, за придонеси за пензиско и здравствено осигурување.

„Даночниот рај се претвори во пекол“, „Сите сте мафија“, „Лебот ни го земате“, се само дел од транспарентите на учесниците на масовниот протест низ улиците на Скопје, којшто започна пред Собранието, пред Министерството за труд, пред Владата, а заврши пред платото

Протест на хонорарците: учествуваа стотици граѓани, меѓу нив новинари, актери, сликари, музичари, преведувачи, претставници и членови на повеќе синдикати, граѓански здруженија и движења и други невладини организации

на Универзитетот Свети Кирил и Методиј.

Освен извикувањето пароли, како „Нема правда, нема мир“, „Излези Диме на тераса, да ја видиш хонорарната раса“, алудирајќи на министерот за труд и социјална политика, чиешто Министерство е предлагач на законот, и повици за оставка, целиот протестен марш беше пропратен со музика. Пред Владата, актерката и музичарка Ана Костовска ја испеја македонската химна, а нејзините колеги - актери изведоа и дел од претстава, во којашто водечка тема е песната „Гладни сме, да чекаме нема, сакаме права и по цена на глава!“.

„Живееме во паралелен универзум. Нашиот е реален свет. Ова што го прави власта се Потемкинови села. Ние живееме во приказна на преживување во која се повеќе нема. Едно е јасно, мора да платиш за да работиш. Во оваа држава се повеќе има драконски казни и давачки. Овој закон е сомнителен правно и е тешко спроведлив. Власта се труди да го освоиме првото место во сиромаштија. Не бараме од вас да го повлечете законот, нема да го направите тоа, но нема да ви плаќаме. Доста ни е од глумење лудило. Не учат да јадеме здраво, да правиме селфи пред овие свадбарски торти кои глумат архитектура, а сопствените деца ни се трујат од загаден воздух или умираат бидејќи нема пари за лекување. Затоа оттука им порачувам: Царот е гол и е многу грд“, рече преведувачката Марија Џонс во говорот пред Владата, цитирајќи ја мислата на борецот за човекови права Мартин Лутер Кинг: „Морална обврска е да не се почитуваат лошите закони“.

Пред Владата, демонстрантите ги повторија барањата: повлекување на законот со кој се воведува плаќање на придонеси и за хонорарите, Инспекторатот за труд да врши засилени контроли и на тој начин да се отстранат случаите на прикриен работен однос, односно на работење без договор или врз основа на договор за дело и да нема горна граница на приходи над коишто не се плаќаат придонеси, односно тие со највисоките приходи да не бидат ослободени.

Пред два дена, Собранието по брза постапка одново го измени Законот со олеснувања за лицата коишто се вработени и дополнително земаат хонорари, а за невработените предвидоа намалување на сумата на којашто треба да се плаќаат придонеси. Според последните измени, вработените нема да плаќаат придонеси ако остваруваат месечни хонорарни приходи коишто се помали од износот на просечната нето плата во земјата од 21.300 денари, туку само на разликата којашто го надминува тој праг. Невработените, пак, коишто примаат хонорари, се ослободени од плаќање придонеси до износот на минималната плата којашто сега изнесува 9.590 денари и ќе плаќаат придонеси само на износот којшто го надминува овој праг.

Синдикатите и незадоволните хонорарци веднаш ги отфрлија ваквите измени, со барање законските измени да се повлечат во целост. Во меѓувреме Собранието донесе и закон со којшто се трансформира работниот однос на околу 3.000 волонтери и хонорарци во државните институции, со што тие ќе станат редовно вработени.

Денешниот протест заврши со спуштање на паролите пред влезот на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што трет ден трае студентската „окупација“. Со тоа хонорарците им дадоа поддршка на студентите коишто ги запоседнаа факултетите во знак на симболично ослободување и одбрана на универзитетската автономија, откако Владата излезе со измени во Законот за високо образование.

Од програмата на Автономната студентска зона

„Ние протестот го прогласивме за завршен уште пред влезот на УКИМ, се заблагодаривме за поддршката на полицијата, ги собравме транспарентите и тука ставаме крај на нашата рута. Секој што влезе на УКИМ влегува на сопствена иницијатива бидејќи голем дел од хонорарците сакаат да ги видат студентите, со образложение дека меѓу студентите се и нивни деца браќа и сестри“, рече потпреседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Драган Антоновски.

Во меѓувреме, порака до студентите упати и министерот за образование Абдулаким Адеми, и тоа од конференцијата на УСАИД за е-пристапно образование. Освен што им порача дека „нема да се повлечеат од воведувањето појаки критериуми за професорите, и од контролни механизми за проверка на знаењата на студентите“, тој го осуди ваквиот тип на протест, најавувајќи го почетокот на дебатата за нов закон од понеделник.

„Секако, имаат право да протестираат во различни форми, но во демократијата секогаш е дозволено да се реагира до моментот кога не се загрозуваат правата на некој друг. Во моментов, мислам дека се загрозуваат правата на други студенти кои не се дел од групата која протестира, затоа што тие сакаат да следат настава. Има реакции и од студенти и од родители. Од друга страна, целиот Универзитет е автономна зона, не може да биде само една училница или еден факултет“, смета Адеми.

Но, студентите не се откажуваат. И денеска, третиот ден од прогласувањето Автономна студентска зона на Филозофскиот, Филолошкиот, Економскиот, Правниот и неколкуте технички факултети во Скопје, го минаа со дневни дебати за високото образование и предавања и вечерни концерти. Поддршка за скопските колеги денеска стаса и од Охрид, а студентите од Битола, најавија „окупација“ и на факултетите на Битолскиот универзитет.