Првото кутивче и одобрение за производство на најпознатиот македонски производ, лекот за главоболка „Кафетин“, од 1957 година, е изложено во музејот на компанијата Алкалоид во Скопје.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, Живко Мукаетов, за Гласот на Америка на македонски вели дека овој музеј кој е единствен од овој тип во државата и регионот, бил создаден да сведочи за историјата на компанијата од нејзиното создавање во 1936 година до денес.
„Во овој музеј може да се најдат многу интересни сегменти од развојот на самата компанија, од првите извозни фактури кои се од пред Втората светска војна, преку првото појавување на формалното име „Алкалоид“ во 1945 година, првото пакување на „Кафетин“, првото пакување на „Бекутан“, сите машини кои што функционирале во 1950-тите и 1960-тите години и на кои се произведувале производите во тоа време, значи еден голем дијапазон на разни сегменти од развојот на компанијата“, вели Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.
Менаџерката Маја Стефкова не поведе низ поставките каде покрај легандарниот „Кафетин“ и првите пакувања на култниот „Бекутан“ од 1978 година може да се види и целокупната историја на Билка со брендот „гуд нејчр“ од 1966. Тука се и најстарите индустриски машини, ретроспективата на логото на компанијата и примероци од првите изданија на таканаречените фабрички весници на Алкалоид од 1971 година.
„Најважно место зазема брендот Алкалоид, меѓутоа бренд кој што навистина е нешто најзначајно за компанијата е брендот „Кафетин“ кој што може да го ставиме на пиедесталот на нашата компанија. Од тука и почнува поставката во музејот, со автентичен примерок од таблети „Кафетин“ уште од далечната 1957 година, кога е добиено и првото решение за производство и ставање во промет на овие таблети кои што содржат во својот состав алкалоиди од каде што произлегува името на компанијата“, рече Маја Стефкова, менаџерка на погонот билкарство во Алкалоид АД Скопје.
Стефкова вели дека доминантната нишка и движечка сила за нивната компанија е вложувањето во истражувањето и развојот.
„Уште во далечната 1966 година е формиран првиот Институт за истражување и развој, чии што фотографии на делата на вработените тогашни во Институтот за развој може да се погледнат, и резултирале со многу успешни патенти во тие 70-ти и 80-ти години, но веќе и во 21-от век каде и нашите колеги, кои што и сега работат во Институтот за развој, продолжуваат со истражувачката работа и работата за развој на нови производи“, додаде Стефкова.
Мукаетов значењето на музејот на Алкалоид го гледа и надвор од рамките на фармацевтската историја, и го лоцира во првата половина на 20-тиот век.
„Од тој аспект посебно ми е драго што Алкалоид е најголемата компанија во Македонија која постои од тоа време покрај пиварите, фабриката за чоколади, тутунските комбинати - и тоа е нешто што е останато од тоа време. Но, мене ми е драго што се покажува таа резилиентност и компетитивност да можеме да бидеме спремни низ разни фази на историјата компанијата да се развива, да се гради и од производство со 15 вработени кои произведувале 350 килограми на суровини во тоа време во 1936 година и кое било основа за една цела производна гранка која денеска е фармацијата во Македонија, па до денеска компанија со над 3.000 вработени, присутна во над 50 земји во светот и која е спремна да се носи со предизвиците на идното модерно време“, рече Мукаетов.
Музејот на Алкалоид се протега на 300 метри квадратни површина. Таму ќе ги видите портретите на сите поранешни лидери на компанијата, мебелот од канцеларијата на поранешниот генерален директор и претседател на Управниот одбор, Трајче Мукаетов. Дел од колекцијата на музејот е и информатичката технологија „алкаСАП“ создадена во 2007 година. Голема гордост се и трофеите кои што Алкалоид ги освоил во полето на шахот и ракометот.