СКОПЈЕ – Северна Македонија и Република Србија имаат одлична соработка и добрососедски односи и таа треба да се чува и да се развива и продлабочува преку заеднички проекти и решавања на проблеми во евроинтегративниот пат заклучија претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на денешната средба во манастирот „Свети Прохор Пчински“ во рамките на прославата на Илинден.
Претседателот Вучиќ ја пречека Давкова на влезот во манастирскиот комплекс и потоа положија цвеќе пред меморијалната плоча на АСНОМ.
По средбата претседателот Вучиќ порача дека претседателката Давкова може да се чувствува како дома и дека до крајот на годината ќе добие покана за официјална посета на Белград.
„ Сигурен сум дека Србија и Северна Македонија ќе ги развиваат најблиските можни односи, ќе ги градиме тие односи внимателно со меѓусебно почитување. Сигуренс ум дека ќе работиме на конкретни проекти. Изразив интерес ние ја градиме пругата до Прешево. Оние 190 километри од Табановце до Гевгелија за да можеме да имаме брзо пристигнување до Солун, брза пруга и мислам дека тоа би било исклучително значајно за двете страни. Разговаравме и за сите други политички прашања, од европскиот пат, проблеми со кои се соочуваме, до заедничките маки и заедничкиот интерес на нашите народи и нашите земји“, рече претседателот Вучиќ.
Двете држави имаат одлична соработка која претседателката Сиљановска Давкова ја спореди со онаа на скандинавските држави и во своето обраќање официјално се заблагодари за помошта на Србија во гаснењето на пожарите кои периодов ја опустошуваат државата.
„ Она што посебно ме радува е што и на едната и на другата страна ако воопшто има страни, видов Македонци и Срби. Тоа покажува дека односите се извонредни и добрососедски. Односи зад кои стои желба за солидарност и помош и за трајна соработка. Јас сум, како што знаете голем заговорник на регионалната соработка. Убедена сум дека ако не се разбираме едни со други и ако не си помагаме, не можеме да очекуваме да бидеме разбрани од останатите. Затоа, треба да сториме се да ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на зелени маси да се решаваат, затоа што не случајно живееме едни крај други“, рече Сиљановска Давкова.
Во состав на државно-црковната делегација која ја предводеше претседателката Сиљановска Давкова на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј.
Your browser doesn’t support HTML5