Прифаќањето на хрватскиот устав, може да ја отвори пандорината кутија, велат аналитичарите

Најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека промената на уставот во делот на преамбулата, по таканаречениот хрватски модел, за нив е прифатлив, отвара пат да дојде до уставни измени вели Александар Кржалоски директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Оваа е значајна пресвртница вели тој по однос на оваа тема, ако се знае дека до неодамна партијата на Мицкоски инсистираше на тоа дека нема да прифати никаква промена под диктат на Бугарите. Ако се прифати нивниот предлог, тогаш за нив нема ништо спорно во уставот да бидат запишани и Бугарите, Хрватите, Евреите но како малцинства.

„Она што како изненадување го доживеаја владејачките партии, бидејќи често пати токму тие го посочуваа хрватскиот модел, бидејќи таму поентата беше тоа што се споменати 26 етнички заедници, дека не е нешто страшно да се додаде уште една и во нашиот случај. Но очигледно не дочитале како е дефинирана преамбулата во хрватскиот Устав, каде се прави јасна дистинкција меѓу хрватскиот народ, а сите други се идентификувани како малцинства, што не е случај во нашиот устав“, вели Кржалоски.

Your browser doesn’t support HTML5

Прифаќањето на хрватскиот Устав, може да отвори пандорина кутија

Сега откако сите го прочитаа хрватскиот устав, тешко дека тој модел ќе може да се примени и кај нас додава Кржалоски.

„Бидејќи на некој начин се сметаат за стекнати права, она што го пишува во нашиот устав и тешко дека сега албанската заедница ќе прифати една ваква формулација, каква што е во хрватскиот устав“, вели Кржалоски.

И, аналитичарот Петар Арсовски вели дека моделот на Хрватска во моментот е доста комплициран за да најде примена кај нас.

„Бидејќи таму има некои специфики кои ете не важат таму. Хрватите се национална држава, а хрватското мнозинство е со над 90 отсто, а тоа е кај нас статистички проблематично. Дополнително може да отвори пандорина кутија на веќе постигнатиот модел на граѓански устав со Охридскиот рамковен договор, имајќи предвид дека албанските партии бараат бришење и на квотата од 20 отсто. Такво отворање, односно редефиниција на уставот може тешко да помине“, вели Арсовски.

Во таа смисла додава Арсовски, договор на база на овој предлог тешко дека ќе има.

„Добро е што постои некој процес во кој се разговара за суштината на уставните измени и тоа може да значи, зголемување на шансите за постигнување на некаков договор околу нивната содржина, па и на самиот процес“, додава Арсовски.

„И, ако ништо друго со изјавите на некои од албанските партии, им стана појасно веројатно онаа фраза, дека по туѓ грб и сто стапа не болат и дека не е толку сеедно за етничките Македонци, прифаќањето на оваа измена, не толку самото додавање на Бугарите, туку начинот на кој тоа се прави со присила и со вклучување на тоа како услов за европските преговори што патем не е и некоја европска вредност“, вели Кржалоски.

Дека ваквата идеја е неприфатлива веќе се изјаснија од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Ако се земе хрватскиот терк, тогаш според предлогот на ДПМНЕ, земјава би се уредила како држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и други, што е сосема различно од сегашниот текст на преамбулата, во кој стои, граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други.