Претседателот на Еквадор ја прогласи земјата за „внатрешен вооружен конфликт“

Вооружени мажи накратко ја презедоа ТВ станицата на Еквадор поради ескалацијата на насилството ширум земјата.

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа изјави дека неговата земја е зафатена од „внатрешен вооружен конфликт“ во услови на растечко насилство низ јужноамериканската земја.

Претседателот ја даде изјавата неколку часа откако група маскирани лица вооружени со пиштоли и експлозиви упаднаа во јавна телевизија во пристанишниот град Гвајакил за време на програма во живо и пукаа во студиото. Полицијата подоцна ја презеде контролата врз станицата и уапси 13 осомничени вооружени лица и ги обвини за тероризам. Во инцидентот никој не е повреден.

Кризата започна во текот на викендот со очигледното бегство на Адолфо Масијас, водачот на озлогласената нарко банда Лос Чонерос. Неколку полицајци се киднапирани, а бројни бомби се активирани низ Еквадор.

Властите во вторникот соопштија дека друг бос за шверц на дрога, Фабрицио Колон Пико од групата Лос Лобос, избегал од полицискиот притвор од градот Риобамба. Колон Пико е обвинет дека е вмешан во заговор за убиство на јавниот обвинител на земјата.

Претседателот Нобоа прогласи вонредна состојба во понеделникот како одговор на насилството. Покрај декларацијата во вторникот дека земјата е под „внатрешен вооружен конфликт“, Нобоа именуваше повеќе од 20 банди за шверц на дрога како терористички организации и ги прогласи за воени цели.

Еквадор со години е измачуван од насилство бидејќи некогаш мирната нација стана главна транзитна рута за шверц на кокаин меѓу Јужна и Северна Америка.

Перу прогласи вонредна состојба долж својата заедничка граница со Еквадор, додека Бразил, Чиле и Колумбија изразија поддршка за лидерот на Еквадор. Кина ја затвори својата амбасада во главниот град на Еквадор, Кито, и сите свои конзулати во земјата

Некои информации за овој извештај дојдоа од Ројтерс, агенцијата Франс прес.