Кои се најнови „непријатели на слободата на печатот“?

Репортери без граници додаде 35 лидери, организации на листата, објавена на Светскиот ден против неказнивост за злосторства извршени врз новинарите.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, саудискиот крал Салман и терористичката организација Исламска држава, се најновите додатоци на листата на Репортери без граници, „Непријатели на слободата на печатот“, на одбележувањето на Светскиот ден против неказнивост за злосторства извршени врз новинарите.

Репортери без граници на листата обелодени 35-мина политичари, верски лидери, паравојници и криминални организации и тоа преку уникатна галерија со „дозвола за гонење“ за секој од нив, детално објаснувајќи како и до која мерка ги „ловат“ медиумите.

Одредени лидери, како Николас Мадуро од Венецуела се обвинети за „внимателно оркестрирање на цензурата и економското гушење“ на печатот, додека другите, како Исламската држава и бројни африкански диктатори се обвинети за убиства на новинари.

На секој од профилите е документирано и колку медиуми затвориле. На пример, вонредната ситуација во Турција по воениот удар во јули, му даде зелено светло на претседателот Реџеп Таип Ердоган да стави катанец на преку 100 весници, магазини, телевизиски и радио станици, а беа уапсени и преку 200 новинари.

На листата се најде и кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој се смета за непријател на слободата на печатот уште од 2013-та година. Во моментов во притвор се наоѓаат 100 новинари и блогери, со што Кина е светски најголемиот затвор за медиумски персонал, според Репортери без граници.

Иако организацијата досега регистрирала само четворица новинари коишто во моментов се во притвор во Русија, рускиот претседател Владимир Путин исто така се наоѓа на листата, и тоа од 2000-та година. Според извештајот на Репортери без граници, во моментов има помала слобода на изразување во Русија, споредено со кое било време од падот на Советскиот Сојуз.

Во однос на ситуацијата во Македонија, според Здружението на новинарите на Македонија, досега има регистрирано 35 напади против новинари, ниеден од нив досега не е расветлен, ниту пак, некој од насилниците е казнет.

„Овие непријатели се оние кои најмногу влијаат на слободата на медиумите и ги извршуваат најтешките злоупотреби врз новинарите, без да бидат земени на одговорност“, изјави генералната секретарка на Репортери без граници. „Начинот на кој може да се прекине овој брутален циклус на неказнивост, е преку назначување на специјален претставник на ОН за заштита на новинарите“.

Претставничката за слобода на медиуми при ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, преку соопштение, ги повика земјите-членки на организацијата да ги интензивираат истрагите, да ги идентификуваат и да поведат судска постапка извршителите на кривични дела против новинарите. „Властите ширум регионот на ОБСЕ не успеваат да преземат активности за намалување на големиот број напади врз новинарите и не успеваат да се справат со прашањето за неказнивост“, истакна Мијатовиќ.

„И` оддавам почит на храброста на целиот медиумски персонал, кој го ризикува животот во име на вистината“, истакна генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун преку соопштение. „Повикувам на итна акција за обезбедување на правда во случаи каде новинарите се нападнати, злоупотребени или убиени“.

ОН го одбележуваат Светскиот ден против неказнивост за злосторства извршени врз новинарите секој 2-ри ноември.