Премиерите на државите од Западен Балкан изразија фрустрации од застојот на проширување на ЕУ на Преспа- форумот за дијалог, кој се одржува во Охрид.
Премиерот Зоран Заев рече дека кога трансатланските врски се силни, Западнот Балкан е силен и стабилен, а кога овие врски се слаби, Западниот Балкан ослабнува. Заев изрази разочарување за повторното одлагање на почетокот на преговорите со ЕУ.
„За жал заради непринципиелната позиција на нашиот сосед Бугарија, не се одржа првата меѓувладина конференција. Пред две недели предводев делегација на Северна Македонија во Софија, нудејќи отворена рака за соработка, решение и одлучност да се преземе чекор во позитивен правец. Иако направивме заеднички позитивен чекор, за жал, и покрај јасните и недвосмислени пораки од меѓународната заедница, дека сега е време да се постигне решение, Бугарија не успеа да собере сили и да го измени ставот кон зачленувањето на нашата земја во ЕУ. Одлуката да не се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија и Албанија беше големо разочарување. Ова е голем неуспех на политиката на проширување и лоша порака за регионот. ЕУ не го исполни своето ветување“, рече Заев.
Тој вели дека ЕУ може да определува датуми, рокови, но, ЕУ не може да ја определи нашата локација, која е во срцето на Европа, ниту пак да ја определува културата, идентитетот и иднината на народите кои се дел од европското семејство.
Според Заев, членството во НАТО било исполнување на сонот на многу генерации и едно од најголемите надворешни политички достигнувања.
Албанскиот премиер Еди Рама неотпочнувањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ го спореди со невеста, а регионот со младоженец, кој организирал совршена свадба, меѓутоа невестата не се појавила и оти тоа се случувало, неколкупати.
„Не станува збор за тоа да се спакуваат Албанија и Северна Македонија и другите земји и да се стават на брод и да се испратат во Европа. Станува збор за градење овде во нашите земји кои што функционираат како секоја друга земја-членка на Европската Унија. А потоа дали ќе бидеме или не дел од неа, не зависи од нас, тоа не е во наши раце. Ние не сме тие кои одлучуваме за тоа. Не би сакал да зборуваме повеќе дека сме фруструрани и во депресија. Не сме фрустрирани и не сме во депресија. Ние сме супер. Ако може да се мери депресијата тие во ЕУ се повеќе фрустрирани и депресивни“, рече Рама.
Тој додаде дека Европа не може да каже што да се прави во овој регион, но оти земјите можат да ги олеснат животите на сите луѓе кои живеат овде.
„Зошто треба да чекаме да станеме членки на ЕУ, за да остваруваме трговија во регионот и таа да протекува без никакви бариери, без чекање илјадници години“, додаде Рама.
Српската премиерка Ана Брнабиќ, рече дека она што се случува со Северна Македонија и не отпочнувањето на преговорите е преседан во регионот, и оти тоа во иднина може да ја отвори Пандорината кутија.
„Повеќе не се работи за европски вредности, за напредок во клучните области, а тоа е владеењето на правото. Сега се внесуваат билатерални прашања и тоа не билатерални прашања во вообичаена смисла, туку прашања на јазик, толкување на лингвистика, историја. Тоа се работи за кои што навистина не може да извршите никакво влијание“, рече таа.
И премиерот на Косово изрази разочараност што ЕУ да не отвори преговори со Северна Македонија и Албанија по вторпат.
„Нешто што е обесхрабрувачка порака за нашиот регион и нашата регионална агенда. Ја разбираме вашата фрустрација, но, сепак мораме да имаме трпение и да не носиме брзи одлуки кои не им служат на интересите на нашите земји, на нашите граѓани и на регионот. Да, ЕУ е бавна. Да и недостасува единство, но сепак ЕУ е нашата најдобра надеж и таа е единствената алтернатива што ја имаме“, рече косовскиот премиер Албин Курти.
Овие ставови беа изнесени на панел дискусијата насловена како „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан", која се одржа во рамките на Преспа- форумот за дијалог.