Премиерот Мицкоски дециден за судството: „Два процента доверба повлекуваат реформа“

Советот на јавните обвинители против предлогот на премиерот за распуштање, велат дека треба да има индивидуална а не колективна одговорност. Амбасадорите се на став дека не се мешаат во внатрешните работи на државата и очекуваат да продолжи соработката и конструктивниот дијалог со Владата

СКОПЈЕ – Премиерот Мицкоски останува на ставот дека Судскиот совет и Советот на јавните обвинители мора да се распушти во насока на борба против криминалот и корупцијата во судската власт додека од Советот на јавни обвинители сметаат дека тоа е погрешен потег исто како и од Судскиот совет. Дипломатите пак денес со помеки тонови околу распуштањето на овие две тела и тоа дали извршната се меша во судската власт.

Мицкоски е дециден дека двата проценти доверба кај граѓаните се показател дека се потребни итни промени.

„ Убава е нивната позиција, секој месец да си земате плата, а да имате два проценти доверба кај граѓаните. И нормално е кога некој сака инвазивно да делува, да направи реформа, веднаш од другата страна имаме одбранбен механизам којшто вели, не, не, ние сме против тоа, затоа што реформата којашто ние ја предвидувавме, предвидуваше да нема повеќе удобни фотелји, туку да има одговорност и отчетност, за да видиме што е тоа што тие сработиле до сега. Ние ќе продолжиме да нудиме решенија, ние тоа го знаеме, да нудиме решенија. Ако имаат тие подобри решенија нека дојдат да разговараме за да смениме нешто, да не биде како до сега. Затоа што како до сега, децата ни се иселија, Македонија се испразни“, изјави Мицкоски.

Распуштањето на судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дел носечките столбови на програмата за која, како што кажа Мицкоски, гласале 600 илјади граѓани

Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска вели дека обвинителите се бираат од сопствените редови и дека расопуштањето може да предизвика штета и да го наруши континуитетот.

„ Може да предизвика штета со оглед на тоа што институциите мора да го имаат својот континуитет. Мора да се работи на подобрување на законските решенија, онаму каде што се гледа дека има проблеми. Меѓутоа колективна одговорност како што имав прилика да слушна не може да има. Одговорноста мора да биде индивидуална со посочување на оние чинители кои се огрешиле од законот. Во секој случај распуштањето на Советот на јавните обвинители би било штетно за целокупната обвинителска организација бидејќи знаете дека Советот ги избира и разрешува обвинителите“, изјави Димитриевска.

По вчерашната изјава на премиерот Мицкоски дека пракса на дипломатите е да се мешаат во внатрешните работи на државата евроамбасадорот Дејвид Гир соопшти дека соработката ќе продолжи и очекува конструктивен дијалог.

„Сметам дека премиерот отвори многу важно прашање и многу се согласуваме околу потребата за реформа на владеењето на правото и тоа е клучно за европскиот пат на земјата. Секако, ние ќе продолжиме да се ангажираме со премиерот, со владата, да разговараме за тоа кои се најдобрите начини да се оди напред, како и со другите делови од системот. Очекуваме да продолжи конструктивниот однос, ги споделуваме истите цели да ја однесеме земјата што е можно побрзо во ЕУ“, изјави евроамбасадорот Гир.

Сличен став има и германската амбасадорка Петра Дрекслер која кажа дека сорабтоката со Владата ќе продолжи.