Шака Грин е основач и извршен директор на Академијата за шах „Браво Зулу“ во главниот град на САД Вашингтон.
„Браво Зулу е всушност морнарички термин. Поминав некое време во морнарицата на САД. Тој значи 'добро завршена работа'“, вели Грин.
Идејата за академијата „Браво Зулу“ се родила кога Шака Грин забележал оти ученик од трето одделение Антонио имал проблеми во школо.
„Значи, направив договор со него. Реков - ако можеш да останеш на час, ќе те научам да играш шах. И така, ние двајцата почнавме да играме за време на ручек како награда“, објаснува Грин.
Деца доаѓале да гледаат и покажале толку голем интерес што Грин започнал утрински час по шах, а подоцна уште еден час за шах по училиште. Тогаш Грин сфатил дека е време да почнат да се натпреваруваат на турнири за шах.
„Барајќи начин да му дадам на едно дете алатка која навистина му е потребна за да му го подобри животот, дојде до програма со која освоивме повеќе од 150 првенства. Но, уште поважно, Антонио и многу од неговите пријатели сега се студенти на колеџ“, додава Грин.
Грин верува дека секое дете треба да научи да игра шах пред која било друга дисциплина, како свирење инструмент или спорт, бидејќи шахот дава цврста основа во размислување, критичка анализа и дисциплина.
„Ми се допаѓа шахот затоа што ви помага да научите како да размислувате пред да реагирате. Тоа е како во животот“, вели Натаниел, ученик.
Грин вели дека „Браво Зулу“ е академија и за момчиња и за девојчиња.
„Ќе откриете дека повеќе момчиња играат шах, но девојчињата се всушност подобри шахисти поради когнитивниот развој“, објаснува Грин.
Она што на Грин најмногу му се допаѓа, вели тој, е создавање заедница на играчи, сите меѓусебно помагајќи си да станат подобри.
„Она што го правиме уникатно во нашата програма е што имаме многу колективен аспект. Тие сакаат да бидат тука“, вели основачот.
Деветнаесетгодишниот инструктор Кармело Мајлс вели дека децата во кампот го мотивираат да работи повеќе.
„Затоа што морам да бидам одличен за да им помогнам. Морам да бидам во шаховските книги. Морам да учам“, вели Мајлс.
Сите овде учат и тоа, вели Грин, е целата идеја.