Доналд Трамп се врати на претседателската кампања во Аризона, каде рече дека претседателот Џо Бајден ја изгубил контролата на американско-мексиканската граница.
„Тоа е неодржливо. Но, инвазијата на Бајден не е случајна. Таа е намерно уривање на нашиот суверенитет и на нашите граници. Некако, некој, ќе ни објасни зошто би сакале ова да се случи. Претпоставувам дека веројатно се гласови“, рече Трамп.
Нема докази дека лица што не се граѓани на САД гласаат во значителен број на изборите во САД. Трамп беше прашан како ќе ја запре илегалната миграција и рече дека ќе дејствува против странските влади кои ја потхрануваат.
„Ако Кина или некоја друга земја се однесува лошо, имаме тарифи кои се многу тешки“, додаде Трамп.
Администрацијата на Бајден овој месец ги блокираше барањата за азил на границата со Мексико, кога апсењата за илегални преминувања надминуваат 2.500 дневно.
Бајден вели дека неопходната имиграциска реформа не мора да дојде со провокативни забелешки што Трамп ги упатува кон мигрантите.
„Додека се бориме за сеопфатна имиграциска реформа, тој ги нарекува имигрантите силувачи и убијци. Тој вели дека тие не се луѓе. Тие не се луѓе. Тој вели дека имигрантите, цитат, ја „трујат крвта на нашата земја“. Луѓе, мојот претходник сака земја само за некои од нас. Ние сакаме земја за сите нас“, истакна Бајден.
Бајден вели дека антиимигрантската реторика на Трамп не е во согласност со фундаменталните американски принципи.