Практикувајте поголема будност за време на празничните фестивали, настани, во верските објекти, како и на локации со зголемен број присутни лица.
Тоа стои во дел од безбедносните насоки што Американската амбасада ги упати за граѓаните на САД што веќе престојуваат или имаат намера да допатуваат во земјава.
Во објавата, тематски насловена како „Потенцијал за зголемен криминал во текот на празниците и активни закани за поставени бомби низ Северна Македонија“, им се посочува на американските граѓани да внимаваат на сопствената безбедност.
„Поради зголеменото присуство од лица на празничните пазари, трговските центри и на други јавни места, амбасадата на САД ги потсетува државјаните на САД да бидат внимателни, зашто е можен пораст на кражбите и друг вид криминал“, се вели во дел од насоките, објавени преку интернет страницата на американската амбасада.
Од амбасадата потсетуваат и за зголемените дојави за поставени бомби на локации поврзани со јавниот транспорт, во трговски центри, спортски објекти и во училишта. Притоа од граѓаните на САД се бара да постапуваат согласно насоките од македонските безбедносни структури.
На американските граѓани во земјава воедно им се советува да избегнуваат масовни собири, демонстрации и да имаат резервен безбедносен план.