Предлог буџетот за 2025 година помина на седница на Влада

Рекорден Буџет тежок 6,5 милијарди евра. Приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра. 800 милијарди евра се планираат за капитални инвестиции а обезбедени се средства за зголемување на платите и пензиите. Државниот долг е под 60 отсто, растот на 3,7 отсто а инфлацијата на 2,2 отсто.

СКОПЈЕ – Државата наредната година ќе собере 13 отсто повеќе пари но истовремено ќе потроши и 10 отсто повеќе. Предлог буџетот за 2025 година помина на денешната владина седница и изнесува рекордни 6,5 милијарди евра. Приходите се проектираат на 5,8 милијарди евра. Во Буџетот, според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска се обезбедени пари за повисоки пензии и плати, како и пари за општините и поголеми дотации.

„За плати ќе има 5,5 милијарди денари од кои две милијарди ќе одат за основно и средно образование, а останатите 3,5 милијарди се за зголемување и на останатите плати, а најверојатно и за зголемување на минималецот. Фондот за здравство ќе има 5,2 милијарди денари, а во март ќе има зголемување на пензиите за 2.500 денари“, изјави министерката Димитриеска Кочоска и додаде дека кон ПИОМ ќе се префрлат околу 24 милијарди денари.

Висока проекција за капитални инвестиции има и во 2025 година и тие изнесуваат над 800 милиони евра.

Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

„Ако го гледаме она што Министерството за финансии директно може да го контролира, државниот долг нема да ги надмине 60-те проценти. Во однос на јавниот долг, се ќе зависи од тоа какви информации ќе добиеме и од јавните претпријатија во однос на нивната реализација. Вкупно 500 милиони евра е еврообврзницата во јануари, ги обезбедуваме средствата, ќе ја рефинансираме, плус тековни околу две милијарди, но има и државни хартии од вредност кои не влегуваат во Буџетот“, кажа Димитриеска Кочоска и нагласи дека од оваа ставка за капитални инвестиции не може да се крати, зашто најмногу средства се предвидени од кредити.

Министерката Кочоска е децидна дека државниот долг нема да надмине 60 проценти од БДП а јавниот долг ќе зависи и од јавните претпријатија.

Растот за идната година е проектиран на 3, 7 отсто наспроти оној на Светска банка од 2, 5 проценти, а инфлацијата 2, 2 проценти.